Furkan Abdula
22 Март 2018•Ажурирај: 23 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), денеска во Скопје донираше техничка опрема на Националниот конзерваторски центар на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата за доделувањето на донацијата учестуваа министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, координаторот на ТИКА Скопје, Ајтекин Ајден и директорот на Националниот конзерваторски центар на Македонија, Мехмет Селмани.
Во своето обраќање, министерот Алаѓозовски ја изрази својата благодарност до ТИКА и до Република Турција за оваа донација, којашто е доказ за добрата соработка и поддршката од страна на ТИКА и Република Македонија во сите сфери, а особено во заштитата на културното наследство.
Истакнувајќи ја важноста на заштитата на културното наследство, министерот Алаѓозовски рече: „Заштитата на културното наследство е наш врвен приоритет и затоа сметаме дека токму оваа донација ќе ги зголеми капацитетите на Националниот конзерваторски центар да може поуспешно да ја остварува својата улога, на општо задоволство на сите, а и за потенцирање и заштита на високите културни вредности на Македонија“.
„ТИКА е посветен партнер и голем помагач на Македонија и ние очекуваме дека ова стратешко партнерство ќе продолжи и дека ќе влеземе во уште многу соработки. Затоа, ова е одличен пример како нашите пријатели, партнери, нашите донатори да покажат пример на поддршка на културниот систем. Јас би ја користел токму оваа донација, овие подарени компјутери, како начин на кој би можеле и спонзорите и бизнис заедницата и донаторската заедница и понатаму да продолжат да го поддржуваат македонскиот културен систем, затоа што имаме големи обврски пред нас којшто не очекуваат.“, истакна Алаѓозовски.
Координаторот на ТИКА во Скопје, Ајден, исто така, изрази благодарност за добрите намери и посветеноста што министерот Алаѓозовски ја покажа во билатералната соработка со ТИКА од почетокот на неговото доаѓање на функцијата.
Координаторот Ајден потсети дека ТИКА од 2005 година наваму, во Македонија спроведе повеќе од 850 проекти во повеќе сектори, од образованието до здравството, од социјално-културната соработка до земјоделството и сточарството и додаде:
„Наша примарна должност при спроведувањето на проектите, и приоритет, е сите заедници кои живеат во Македонија да продолжат со своите животи на здрав и спокоен начин. Сакаме да дадеме придонес за децата што се образуваат, да им овозможиме добро образование на следните генерации, и од економски аспект, со проекти што ги спроведуваме во земјоделството, да дадеме придонес во економскиот развој на подрачјата, што генерално претставува придонес и за економскиот развој на Македонија.“
Ајден посочи дека за откривање и извлекување на дневна светлина на заедничките културни вредности и нивното претставување на следните генерации, како културно богатство на Македонија, спровеле повеќе проекти за реставрација. Координаторот Ајден истакна дека откривањето на секое историско и културно богатство во Македонија претставува свој придонес во туристичката атракција и вредноста на Македонија и затоа за нив од големо значење претставува реставрацијата на овие постоечки културни објекти.
Координаторот на ТИКА, Ајден, заедно со екипата на чело со директорот на Националниот конзерваторски центар на Македонија, Селмани, биле на терен и вложиле напори за што поскоро завршување на проектите и нивна подготовка за свечено отворање. Затоа, основна цел на донацијата на ТИКА е развој на капацитетите на институцијата и давање придонес во унапредување на нејзината техничка структура.
„Се надеваме дека ќе дадеме голем придонес за равојот на капацитетите во техничката инфраструктура на институцијата, независно дали тоа ќе биде преку поставувањето на сервери во информатичката инфраструктура или обезбедувањето на персонални компјутери за потребите на вработените, а особено на уредите за дигитално печатење“, истакна Ајден.
Директорот на Националниот конзерваторски центар на Македонија, Мехмет Селмани, рече дека со огромна чест и особено задоволство во името на вработените на Националниот конзерваторски центар во Скопје и во негово лично име, како директор, да ја истакнува благодарноста по повод денешниот исклучителен настан, конкретно поврзан со донацијата на вредна компјутерска опрема од страна на ТИКА.
„Во ова пригода би сакал да истакнам дека од страна на ТИКА, која воедно е наш повеќегодишен партнер, e финансиски поддржувач на повеќе значајни проекти во сферата на конзервацијата и реставрацијата на културното наследство од Отоманскиот период кое се наоѓа во Р. Македонија“, истакна Селмани.
Во рамките на донацијата, ТИКА на Националниот конзерваторски центар, со цел исполнување на меѓународните стандарди и унапредување на работата, му додели техничка опрема составена од 26 персонални компјутери, 1 сервер, 1 уред за архивирање и реставрирање, 3 принтери, 1 уред за дигитално печатење и 1 лаптоп.