СКОПЈЕ (AA)
– ФУРКАН АБДУЛА
Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во последните 6 години со реализирањето на околу 500 проекти во различни области во Северна Македонија, пред сè во образованието и здравството, одигра важна улога во тоа подадената рака на пријателство на Турција да допре до граѓаните на Северна Македонија, пишува Агенција Анадолија (АА).
ТИКА, која ги започна своите активности во земјата во рамките на протоколот за соработка потпишан меѓу владите на Турција и Северна Македонија во 2005 година, презеде широк спектар на проекти, од образованието до здравството, од унапредување на земјоделството и сточарството до руралниот развој, од зајакнување на административните и граѓанските инфраструктури до развој на институционалниот капацитет, од социјалната и културната соработка до заштита на културното наследство.
Анализирајќи ги податоците објавени од страна на Канцеларијата за координација на програмата ТИКА Скопје, новинарот на АА дојде до податокот дека ТИКА во периодот од 2015 до 2021 година спровела 493 проекти во Северна Македонија во областите како што се образование, здравство, социјална инфраструктура и услуги, производство, административни и граѓански инфраструктури, реставрација и итна и хуманитарна помош.
- Образование
Наведувајќи дека образованието игра клучна улога во развојот и унапредувањето на регионот, ТИКА даде голем придонес на ова поле, со обновување на инфраструктурата на основните училишта „Мустафа Кемал Ататурк“ во центарот на градот Гостивар и во селото Јукари Баница во Гостивар и нивно опремување, создавајќи модерни образовни згради во кои се школуваат скоро 2.000 ученици на турски јазик.
Покрај реализацијата на проектот за изградба на едно училиште во секое турско село во источниот регион на Северна Македонија, ТИКА во Дебар спроведе и проект за изградба на средно училиште на површина од 5.400 квадратни метри, составено од 29 училници, лаборатории за природни науки, библиотека, сала за состаноци и административни канцеларии, уредувајќи го притоа и дворот на училиштето.
ТИКА, која обезбеди голема поддршка за развојот на образовната инфраструктура во земјата и со изградбата и опремувањето на новата зграда за градинката на македонската, албанската и турската заедница во Кичево и со производството на едукативни проекти за сите етнички заедници што живеат во земјата, покрај тоа, од 2006 година им ја даде својата поддршка и на 15.000 ученици со школски прибор и стипендии.
До денес ТИКА обнови 24 и изгради 16 нови основни и средни училишта, а ги реновираше и ги опреми одделите за туркологија на универзитетите во Северна Македонија, обезбедувајќи им можност за школување на приближно 17.000 ученици.
ТИКА, која секоја година организира курсеви по турски јазик за стотици студенти низ целата земја, организираше и патувања во Турција со цел запознавање со историското и културното богатство на Турција.
Петстотини наставници кои работат во училиштата во кои се одржува настава на турски јазик имаа корист од проектите на ТИКА, која организираше програми за обука со учество на академици кои се експерти во своите области на универзитетите во Турција.
- Здравство
ТИКА, која освен на образованието, особено значење му придава и на здравството, обезбеди 550 бесконтактни термометри и 750 станици за дезинфекција за градинките, основните училишта и разни други образовни институции, како дел од мерките што се преземаат против ризиците од проширување на пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19) во Северна Македонија, што го погоди целиот свет.
Со цел да се подобри здравствената инфраструктура во Северна Македонија и да му се овозможи на населението што живее во руралните области ефективно да има корист од здравствените услуги, ТИКА обезбеди поправка и опремување на здравствените центри, грант за возила за итна помош за транспорт на пациентите и за медицинска опрема.
Со цел да се намали смртноста кај новороденчињата, под покровителство на Претседателството на Северна Македонија, ТИКА го реновираше и го опреми Ургентниот оддел на Клиниката за детски болести, кој е дел од скопската Државна болница „Свети Кирил и Методиј“.
Освен тоа, покрај сеопфатното реновирање на Одделот за новороденчиња/детска интензивна нега на Клиниката за детски болести во скопската Државна болница, ТИКА за оваа болница обезбеди и медицински помагала и опрема.
Во рамките на проектот, во периодот на пандемијата, ТИКА го реализираше проектот за мобилен клинички здравствен скрининг со цел да се зголеми пристапот до здравствените услуги на граѓаните што живеат во руралните области, да се има контрола на состојбата со туберкулозата во земјата и да се обезбедат услуги за рано дијагностицирање и превентивно лекување на пациентите кои не можат да стигнат до центарот.
Покрај обезбедувањето на потребните медицински материјали за болницата, ТИКА ја обезбеди и техничката опрема потребна за работа на подвижната клиника.
- Производство
Спроведувајќи проекти за зголемување на квалитетното производство на храна во Северна Македонија преку воспоставување семејни бизниси што имаат за цел намалување на невработеноста и спречување на миграцијата од руралните области, ТИКА од тој аспект дава голем придонес за стаклениците на семејните земјоделски претпријатија.
Во 80 села во руралните области на Северна Македонија, за 1.000 земјоделски семејства на кои им е потребна помош, постави стакленици во кои зеленчукот може да се одгледува преку целата година, без оглед на климата.
Во рамките на Проектот за развој на пчеларството и пчелни производи, обезбедена им е неопходна обука и поддршка во опрема за модерно пчеларство на 200 семејства од различни етнички групи, првенствено турско и македонско, кои живеат во различни региони на Северна Македонија.
Во Северна Македонија во која годишно се произведуваат 250-300 тони мед, семејствата кои се дел од проектот произведуваат 25-30 тони мед.
Во моментот се работи на проекти за развој на овоштарството, формирајќи овоштарници, со желба да се намали миграцискиот феномен во земјата преку зголемување на економската благосостојба на луѓето.
ТИКА го спроведе и Проектот за одгледување ореви со цел да создаде алтернативен извор за егзистенција за семејствата со ниски примања што живеат низ целата земја, и обезбеди вкупно 10.240 фиданки ореви за 308 семејства.
- Зајакнување на административната инфраструктура
Продолжувајќи да работи во рамките на зголемувањето на физичките и услужните капацитети на јавните институции во Северна Македонија, ТИКА има за цел знаењето и акумулираното искуство на Турција да го сподели со својот пријател Северна Македонија со унапредување на испораката на услугите во јавните институции и спроведување на програми за градење на капацитети за споделување на знаењето, придонесувајќи во подобрувањето на физичката и информатичката инфраструктура во земјата.
Во овој контекст, ТИКА, која ја презеде сеопфатната поправка и опремување на главната сала за состаноци на Уставниот суд на Северна Македонија, во рамките на проектот „Воспоставување на инфраструктура за дигитално архивирање на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија“, обезбеди поддршка во опрема со 3 десктоп-компјутери, 2 повеќефункционални печатачи во боја, 5 скенери, 1 архивски уред за складирање, 1 сервер и 1 напреден софтвер за архивирање, како и потребната поддршка за обука.
Покрај изградбата на новата зграда за јавни услуги на Општина Пласница, опремата и инфраструктурата за обработка на податоци на зградата исто така беа обновени од ТИКА.
- Реставрација
ТИКА, исто така, спроведе проекти за идентификација, класификација, зачувување и пренесување во дигитален формат на примероци од архивските материјали, како што се документи, записи, тетратки и ракописи пронајдени на Балканот и во земјите од Источна Европа, каде што Османлиите владееле речиси 500 години.
Од архивскиот материјал што потекнува од османлискиот период, составен од 774 досиеја во Северна Македонија, добиени се околу 130.000 слики, кои се класифицирани и се доставени на Османлискиот архив и ставени им се на располагање на истражувачите.
ТИКА, која ги спроведе проектите за реставрација со цел да ги заштити заедничките историски културни вредности и да го одржи постоењето на овие историски структури во Северна Македонија, во тие рамки, ја изврши реставрацијата и уредувањето на џамијата „Султан Мурат“ во главниот град Скопје, „Исак-бег (Алаџа) џамија“ во Скопје и „Хусеин Шах“ во скопската Општина Сарај.
news_share_descriptionsubscription_contact
