Ali Cura
18 Февруари 2020•Ажурирај: 18 Февруари 2020
МОСКВА (АА) - Турската и руската делегација втор ден продолжуваат со средбите во рускиот главен град, Москва, со цел да разговараат за состојбата во деескалационата зона во сириски Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Овие средби, кои започнаа во 10:00 часот по локално време во руското Министерство за надворешни работи, се затворени за медиумите, а во нив учествуваат дипломати, воени лица и службеници од разузнавањето.
Турската делегација е предводена од страна на заменик-министерот за надворешни работи на Турција, Седат Онал, додека руската делегација е предводена од заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Вершинин, и од специјалниот претставник на рускиот претседател Владимир Путин за Сирија, Александар Лаврентиев.
Турско-руската мешовита делегација вчера исто така одржа состаноци во Москва во врска со Идлиб.
Според информациите добиени од дипломатски извори, турската делегација на овој состанок укажала на потребата за итно намалување на тензиите на терен и за спречување на влошувањето на хуманитарната состојба.
Се вели дека на овој состанок било разговарано за мерките што ќе може да се преземат во насока на целосно спроведување на договорите за Идлиб постигнати во рамки на Договорот од Сочи, како и за спречување на неговото прекршување.
Средбите продолжуваат и во текот на денешниот ден.