Abdulbesar Ademi
31 Август 2026•Ажурирано: 31 Август 2026
Амбасадата на Турција во Скопје организираше свечен прием по повод Денот на победата, кој во Турција се одбележува на 30 август, во знак на сеќавање на последната битка во западна Анадолија против грчките сили во 1922 година, јавува Анадолу.
Приемот беше организиран под покровителство на турскиот амбасадор Фатих Улусој, во резиденцијата на Амбасадата во Скопје, а присуствуваа претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, вицепремиерот на Северна Македонија и министер за европски прашања, Беким Сали, министерот без ресор, Зулќифар Зејнула, началникот на Генералштабот на Армијата на Северна Македонија, Сашко Лафчиски, како и претставници на политичките партии и турските институции во земјата и голем број други гости.
Програмата посветена на одбележувањето на овој ден започна со едноминутно молчење во чест на жртвите од бродот што се преврте во Турската Република Северен Кипар (ТРСК), како и со интонирање на националните химни на двете земји.
Улусој, оддавајќи им почит на Мустафа Кемал Ататурк и неговите соборци, рече: „Разбирањето ‘Мир во татковината, мир во светот’ е еден од најосновните принципи на нашата надворешна политика.“
„Турските одбранбени производи се извезуваат во 185 земји, вклучително и во земјите членки на НАТО и ЕУ, а извозот во областа на одбраната и воздухопловството достигна 10 милијарди долари.“ рече тој.
Укажувајќи дека Северна Македонија и Турција се пријателски и сојузнички земји, тој истакна: „Заедничките вежби, обуките и донациите за македонската армија претставуваат конкретен показател за нашата одбранбена соработка со Северна Македонија, која отсекогаш ја поддржувавме од нејзината независност.“
„Значаен дел од нашата работа, несомнено, го сочинуваа нашите сонародници и прашањата што ги засегаат. Во овој контекст, посетувајќи ги местата каде што живее турската заедница во Македонија, од град до град и од село до село, имав задоволство да се сретнам со нашите сонародници.“ изјави тој.
За време на програмата беше прочитана и пораката на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, по повод Денот на победата.
Денот на победата им е посветен на Вооружените сили на Турција, кои ја водеа Битката кај Думлупинар од 26 до 30 август на територијата на денешната централна турска област Кутахија, каде што окупаторската грчка војска беше решително поразена.
До крајот на 1922 година, сите странски сили беа протерани од териториите што една година подоцна ќе ја формираат Република Турција.