Elena Trenchevska Chekovic
31 Август 2026•Ажурирано: 31 Август 2026
Транспортните превозници денеска одржаа предупредувачки протест пред Делегацијата на Европската Унија во Скопје, барајќи итно решавање на проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната, јавува Анадолу.
На протестот беа паркирани околу 20 товарни возила. Превозниците реагираат на примената на правилото 90/180 дена, кое, според нив, создава сериозни проблеми за професионалните возачи кои често патуваат и работат во земјите од Шенген-зоната.
Протестот се одржува во пресрет на утрешниот состанок на работната група во Брисел. Истовремени протести се организираат и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Генералната секретарка на „МАКАМ-ТРАНС“, Билјана Муратовска, изјави дека и покрај тоа што Европската Унија во јануари признала дека професионалните возачи вршат дејност, седум месеци нема конкретно решение за проблемот.
Таа оцени дека долгото задржување на возачите при проверка на деновите на престој претставува „страшна дискриминација и повреда на човековите права“.
Од Министерството за транспорт посочуваат дека прават сè што е во нивна моќ за да им помогнат на транспортерите и за надминување на проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната.
Во таа насока, Министерството работи на склучување билатерални договори со земјите од Шенген-зоната, со цел да се овозможи непречено функционирање на македонските транспортни компании и нивните возачи.