Tevfik Durul,Derya Gülnaz Özcan
08 Февруари 2022•Ажурирај: 09 Февруари 2022
АТИНА (АА)
- Тевфик ДУРУЛ / Дерја ЃУЛНАЗ ОЗЏАН
И покрај зголемената тензија во билатералните односи во последните години, обемот на трговијата меѓу Турција и Грција се зголемува, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на дописникот на Агенција Анадолија (АА), обемот на трговијата меѓу Турција и Грција значително се зголемил во 2021 година во однос на претходната година, а тоа има големи придобивки и за двете страни.
- Позитивната агенда ги забрзува комерцијалните односи
Забрзувањето на комерцијалните односи понекогаш се гледа како можност за омекнување на политичката атмосфера.
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу пред неговата официјална посета на Грција во мај 2021 година, рече: „Одам во Атина со позитивна агенда.“
На средбата помеѓу Чавушоглу и неговиот грчки колега Никос Дендиас беше договорена листа од 25 точки за зголемување на економската соработка.
Со тоа, позитивната агенда ориентирана кон економската соработка почна да ги покажува своите позитивни резултати во билатералната трговија во 2021 година.
Комерцијалните односи, кои беа прекинати со епидемијата на Ковид-19, повторно добија замав во 2021 година со преземените иницијативи на овој план.
Трговскиот обем меѓу Турција и Грција минатата година се зголеми за 69,2 отсто во однос на 2020 година и достигна 5,2 милијарди долари.
Извозот на Турција во Грција се зголеми за 73,3 отсто во 2021 година. Како резултат на ова зголемување, Турција имаше трговски суфицит од приближно 1 милијарда долари.
- Увозот на Грција од Турција е зголемен за 46 отсто
Според податоците на Турско-грчката стопанска комора, увозот на Грција од Турција се зголемил за 46 отсто во 2021 година, достигнувајќи 2,3 милијарди евра.
Со ова зголемување Турција се искачи на 8-то место меѓу земјите снабдувачи на Грција.
Иако трговскиот биланс на двете земји остави дефицит за Грција, од зголемениот обем на трговска размена профитираше и Грција. Грчкиот извоз во Турција достигна 1,8 милијарди евра во 2021 година, што е зголемување од 39 отсто.
- Епидемијата Ковид-19 негативно се одрази и на туризмот
Епидемијата Ковид-19, која негативно се одрази на туризмот ширум светот, ги наруши и туристичките активности меѓу Турција и Грција.
Фериботите меѓу грчките острови и Турција не се одвиваа околу две години поради ограничувањата. Како резултат на преземените мерки во рамките на борбата против Ковид-19, воведени беа ограничувања на воздушниот и копнениот превоз меѓу двете земји, особено во првата година од епидемијата.
Според податоците на Министерството за туризам, бројот на посетители од Грција во Турција во 2018 година изнесуваше 686.891. Оваа бројка се зголеми на 836.882 во 2019 година, а со ефект на епидемијата се намали на 136.305 во 2020 година.
Од друга страна, според податоците на Грчката асоцијација на туристички претпријатија (SETE), бројот на посетители од Турција во Грција изнесувал 930.000 во 2018 година, за оваа бројка да се зголеми на 1.093.000 во 2019 година.
Во 2020 година, поради епидемијата, бројот на посетители од Турција сериозно е намален и падна на 232.000.
Со отстранувањето на ограничувањата во воздушниот и копнениот транспорт, бројот на посетители меѓу двете соседни земји се зголеми во 2021 година. Во тек се напори да се осигура дека туризмот ќе се врати на ниво кое беше пред започнување на епидемијата.