политика, Балкан

Туск: Полска го поддржува европскиот пат на Србија и Западен Балкан, проширувањето на ЕУ приоритет

„Проширувањето на Европската Унија мора да ја вклучи и Србија, бидејќи нема комплетна Европска Унија без Србија во неа. Тоа е тежок и макотрпен процес“

Alma Dekovic, Gorana Jakovljevic  | 24.10.2024 - Обновена : 25.10.2024
Туск: Полска го поддржува европскиот пат на Србија и Западен Балкан, проширувањето на ЕУ приоритет

БЕЛГРАД (АА) - Полскиот премиер Доналд Туск денес во Белград изјави дека земјата го поддржува европскиот пат на Србија и земјите од Западен Балкан и дека Блокот не е комплетен без Србија, јавува Анадолу.

Туск денеска во Белград одржа состанок со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. По тет-а-тет разговорите следуваше пленарен состанок на делегациите на Србија и Полска и обраќање на Вучиќ и Туск.

Туск ја искористи можноста да го поздрави економскиот успех на Србија, истакнувајќи дека „економски силната Србија е придобивка за ЕУ“.

Полскиот премиер ја поддржа и иницијативата „Отворен Балкан“ што ја подигнаа Србија, Албанија и Северна Македонија, како и Берлинскиот процес.

„Свесни сме за амбициозните планови што ги има Србија кога станува збор за планот за раст со цел да го забрза својот европски пат. За Полска се важни билатералните односи со Србија, особено зајакнувањето на економската соработка“, рече Туск.

Тој истакна дека меѓу Полска и Србија постојат одредени прашања за кои не се согласуваат, но дека е „скапоцена способноста за меѓусебна емпатија и разбирање“.

Полскиот премиер рече дека со српскиот претседател разговарал и за илегалната миграција и соработката на различни нивоа.

„Она што на сите им е јасно веќе неколку недели наназад е полскиот став во однос на заштитата на границите на ЕУ, и во таа смисла сум многу благодарен за подготвеноста за соработка и разбирање и на овој план. Исто така, би сакал да ѝ се заблагодарам на Србија за нејзиниот голем придонес во обезбедувањето хуманитарна помош за Украина. Многу добро се разбираме, и разбираме зошто имаме различни погледи за овие прашања за односите со Русија. Но, токму затоа уште повеќе го ценам нашето меѓусебно разбирање и поддршка кога станува збор за Украина во хуманитарна смисла“, рече Туск.

Додаде дека ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан, односно оние кои се заинтересирани за неа.

„Проширувањето на Европската Унија мора да ја вклучи и Србија, бидејќи нема комплетна Европска Унија без Србија во неа. Тоа е тежок и макотрпен процес“, рече Туск.

Тој додаде дека денес Полска е еден од клучните лидери во Европската Унија и дека како следна земја што ќе претседава со ЕУ ќе се залага за процесот на проширување.

„Полска наскоро ќе го преземе претседавањето со Европската Унија, а за време на полското претседавање мој приоритет ќе биде проширувањето и најблиската можна соработка со Србија“, изјави Туск.

Српскиот претседател Вучиќ, од своја страна истакна дека економската размена меѓу Србија и Полска во 2023 година изнесувала две милијарди и 62 милиони евра, и дека годинава се очекува да биде поголема.

„Денеска го замолив, и нашите бизнисмени ќе имаат средби, премиерот, господин Туск, да ни помогне во сферата на иновациите, во сферата на стартапи, каде Полска е фантастично успешна, но и во сферата на биотехнологијата и биокамповите, да почнеме да соработуваме, да почнеме да работиме заедно, бидејќи мислиме дека и Србија има свое знаење да ѝ понуди на Полска, исто онолку колку што можеме да добиеме од Полска“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека разговарале за сите политички теми и за тоа што ја чека Србија на нејзиниот европски пат. Рече дека за време на синоќешната вечера грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и Туск му пренеле многу важни пораки за прашањето за членството во Европската Унија и напредокот на Србија.

„Верувам дека се отворија, а вие знаете колку сум скептик и повеќе скептик отколку реалист, некои нови видици и некоја нова надеж што можеме да ја очекуваме во иднина, не би рекол забрзување, но некаков поинаков однос кон сето она што треба ние да го направиме“, рече претседателот на Србија.

Додаде дека на Туск му ги изнел своите ставови за Косово, а разговарале и за глобални, геополитички и европски и други прашања, вклучително и за војната во Украина и на Блискиот Исток.

„Нема да кријам, значи, премиерот Туск би сакал да види целосно усогласување со европските декларации, односно во однос на санкциите против Руската Федерација и, како што можете да видите, воопшто не го кријам тоа од вас, ниту што било слично. Се обидов да ја објаснам позицијата на Србија, да укажам на тоа колкава поддршка во хуманитарна смисла, во финансиска смисла, ѝ имаме пружено на Украина, како и на кој начин зборуваме за почитувањето на повелбите на Обединетите нации, и ги изнесов ставовите на Србија“, рече Вучиќ.

Истакна дека е многу благодарен што Туск дошол во Белград, и дека побарал од него што почесто да доаѓа во Белград за да ја поддржи соработката меѓу Србија и Полска во сите сфери на општественото живеење.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.