Aldıjana Hadzıc
26 Јули 2018•Ажурирај: 27 Јули 2018
САРАЕВО (АА) - Во Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, се одржуваат разговори за прием на наставен и друг кадар за потребите на училиштата на турската фондација „Маариф“, во чии школски клупи веќе во септември ќе седнат првите ученици. Запишувањето на учениците започна во мај, а училиштата „Маариф“ се подготвуваат за учебната 2018/2019 година.
Координаторот на Регионалниот центар за Балкан на турската фондација „Маариф“, Салих Сагир, потсети дека оваа фондација е основана во 2016 година и истакна дека во моментов имаат 110 училишта и 41 претставништво во 24 земји во светот.
Делуваат на неколку континенти, а во моментот интензивно работат во земјите од Балканот и Африка.
„Во моментов имаме училишта и во Македонија и во Косово. Отвораме училишта во Романија, подготовките се во завршна фаза и започнаа пријавите за упис. Во БиХ пријавите се во тек“, рече Сагир.
Тој потсети дека наставата во училиштата „Маариф“ е усогласена во согласност со образовните системи на државите во кои се наоѓаат.
„Покрај тоа, ќе го применуваме системот Кембриџ. Учениците покрај тоа што ќе го научат англискиот јазик, ќе го совладаат и турскиот. Во нашите училишта комуникацијата е на три јазика“, рече Сагир.
Тој истакна дека се планираат и факултативни активности и дневен престој.
- Погодности при вработување -
„Работиме со нашите експерти од областа на образованието. Имаме и комисија составена од локални членови. Доаѓаат и експерти од Турција“, појасни Сагир.
Тој додаде дека учениците што ќе го завршат училиштето „Маариф“ во БиХ, ќе имаат еднакви можности како да се школувале во Турција. Тоа, според Сагир, ќе им биде дополнителна можност при вработување.
„Почнуваме од претшколска возраст до крај на средно образование. Активностите во БиХ ги започнавме бидејќи луѓето во БиХ ја познаваат фондацијата „Маариф“, рече Сагир.
Абдула Серенли, шеф на Одделот за човечки ресурси на фондацијата „Маариф“, потсети дека е распишан конкурс за прием на наставен кадар и други вработени.
Тој додаде дека пристигнале повеќе од 600 пријави, од кои 370 за наставници. Од нив 130 кандидати се повикани на разговор.
„Четири дена имаме интензивни разговори со кандидатите. Разговорите ги водиме на три јазици, босански, англиски и турски. Наставата ќе се одржува на англиски и босански. Исто така, ќе има часови и на турски јазик“, рече Серенли.
Тој истака дека се задоволни од досегашните кандидати и на тој начин имале можност да се уверат во квалитетот на високото образование во БиХ.
„Се трудиме да ги избереме најдобрите. Мислиме дека правилно постапуваме“, рече Серенли и додаде дека искуството на кандидатите бил еден од најважните критериуми.
Во исто време сакаат да им дадат можност и на оние што само што го завршиле школувањето.
„Сакаме да придонесеме во нивниот развој. Фондацијата „Маариф“ моментално делува на седум континенти. Имаме училишта во 24 земји. БиХ е 25. земја. Една од нашите цели е да му дадеме можност за вработување на локалното население“, појасни Серенли.