Zülfiya Yakup
08 Октомври 2018•Ажурирај: 09 Октомври 2018
ПРИШТИНА (АА) - „Косовo драстично го намали бројот на баратели на азил во земјите на Европската Унија“, изјави денес косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, на состанокот на високо ниво за владеењето на правото, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Харадинај во своето излагање нагласи дека Косово напорно работело на намалување на миграциите кон земјите на Европската Унија, бидејќи тоа е едно од главните прашања во процесот на визна либерализација, кој се сведува кон својот крај.
„Прашањето за миграциите е едно од главните прашања, бидејќи Европската Унија сака да се осигура дека од Косово нема да има миграции кон ЕУ. Ние направивме добра работа во спречувањето на потенцијалниот „флукс“ и бројот на баратели на азил драстично опадна. Од 2015 година до денес, бројот на баратели на азил се намали за над 95 отсто, од 67.000 во 2015 година на 2.800 во 2018 година“, рече Харадинај.
Тој додаде дека и покрај тоа мора да се работи уште повеќе и дека граѓаните на Косово мора да знаат дека нивната иднина е тука, во европското Косово. Тој порача и дека Косово нема да извезува криминалитет и несигурност во ЕУ, туку чесни граѓани, студенти, туристи, претприемачи и луѓе кои во ЕУ ќе патуваат деловно.
Останатиот дел од состанокот беше затворен за медиумите, а на него присуствуваа и заменичката на амбасадорот на САД во Приштина, Колин Хиланд, шефицата на Канцеларијата на ЕУ во Косово, Наталија Апостолова, министерот за правда на Косово, Абелард Тахири, министерот за внатрешни работи, Бејтуш Гаши, главниот државен обвинител Александар Лумези и други претставници на безбедносните институции.
Владата на Косово 2018 година ја прогласи за година на владеењето на редот и законите во земјата.