БЕЛГРАД (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денес на новинарско прашање дали Македонија има шанси за пристапување кон НАТО, изјави дека останува на граѓаните на земјата и на демократијата да одлучат за тоа, но дека единствен начин да стане членка на НАТО е согласност околу името на Македонија со Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг во рамките на посетата на Србија денес присуствуваше на Меѓународната вежба за спасување во вонредни состојби „Србија 2018“ при што истакна дека вежбата е пример како партнерството со НАТО може да им донесе конкретни бенефити на Србија, НАТО и на целиот регион.
„Србија 2018 е вежба која е и тест. Таа ги покажува нашите сили и нашите слабости. Таа ќе ни овозможи да учиме заедно и да се согласуваме подобро. Исто така, таа е голем пример како партнерството со НАТО може да им донесе конкретни бенефити на Србија, НАТО и на целиот регион“, изјави Столтенберг во Младеновац на отворањето на Меѓународната вежба за спасување во вонредни ситуации „Србија 2018“.
Вежбата „Србија 2018“ ќе трае до 11 октомври на подрачјето на Младеновац, Сопот и Аранѓеловац, со учество на 2.000 лица од 38 земји, меѓу кои и Турција, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија и Пакистан.
Генералниот секретар на НАТО изјави дека не станува збор за воена, туку за вежба за цивилна подготвеност, прва од тој вид во Србија.
„Тоа е платформа за оние што први реагираат едни од други да научат и заедно да се стекнат со вистински искуства и подобро да се подготват за времињата во кои се соочуваме со вистински животни вонредни состојби“, наведе тој.
Тој додаде дека лекциите што ќе ги научат денес ќе им помогнат да спасат повеќе животи наредниот период.
Според неговите зборови, оваа вежба ја покажува добрата соработка на НАТО и Србија, како и дека тоа партнерство се зајакнува од ден во ден.
„НАТО ја почитува воената неутралност на Србија... Разбирам дека НАТО останува контроверзен во Србија, и дека сеќавањата од 1999 година се болни за многумина. Таа кампања на НАТО никогаш не беше насочена кон цивилите, туку против режимот (Слободан Милошевиќ), а секој изгубен живот е трагедија“, порача тој, додавајќи дека целта на НАТО е мир.
Тој истакна дека КФОР ќе продолжи со својата работа на Косово, за да осигури безбедност на таа територија, и потсети дека НАТО го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Запрашан зошто КФОР не реагирал за време на случувањата на езерото Газивода на 29 септември, при посетата на претседателот на Косово, Хашим Тачи, Столтенберг одговори дека КФОР на Косово е за да ги заштити сите, така и Србите.
„Тогаш се слушнав со Вучиќ и за тоа разговарав со останатите лидери, меѓу кои и со лидерите од Приштина. Верувам, како и Вучиќ, дека е важно КФОР да биде на таа територија, што ќе продолжи да го прави, но истовремено е неопходно да се продолжи со работата за намалување на тензиите и продолжување на дијалогот на двете страни во Брисел“, изјави тој.
На меѓународната вежба присуствуваше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој повтори дека Србија е воено неутрална.
„Србија е воено неутрална и љубоморно ќе го чува тоа, но добро соработува и ќе соработува со НАТО. Србија е во последната фаза на прифаќање на планот ИПАП за период 2018 - 2020 година, бидејќи сакаме и посакуваме да имаме добри односи со тој сојуз поради иднината на нашите граѓани, без оглед на болните сеќавања“, изјави Вучиќ во Младеновац.
Тој му се заблагодари на Столтенберг за тоа што иако претходните денови разговарале за голем број теми, тој во ниту еден момент не сакал да влијае на одлуката за тоа каде Србија сака да биде во иднина.
Како што истакна, го замолил Столтенберг присуството на КФОР на Косово да продолжи и во иднина.
„Доколку имаме каков било проблем на Косово, ќе стапиме во контакт со Столтенберг и ќе може да зборуваме за решавање на проблемите“, наведе тој.
Српскиот претседател на учесниците на вежбата им посака успех и го пренесе своето задоволство поради тоа што се работи за една од најголемите вежби од тој тип во која тимовите од 38 земји заедно работат и се подготвуваат да пружат меѓусебна помош во случај на непогоди и несреќи.
„Тука станува збор за спасување на животите на луѓето и меѓусебна помош. Србија во 2014 година ја погодија големи поплави и тие ни го покажаа значењето на меѓународната соработка. Тогаш пристигна помош од 14 земји, а многу од тие храбри луѓе се и денес со нас и им се заблагодарувам“, изјави тој.
Вучиќ изјави дека токму поради тоа и Србија има должност да им помогне на другите, нагласувајќи дека тоа е тешка и комплексна задача која бара координација, подготвеност и меѓународна соработка.
Српскиот претседател ги коментираше и општите избори што се одржаа вчера во Босна и Херцеговина, велејќи дека ќе ги почека официјалните резултати на Централната изборна комисија, но ја искористи можноста да им честита на Шефик Џаферовиќ (СДА), Жељко Комшиќ (ДФ) и Милорад Додик (СНСД), кои водат во трката за членови на Претседателството на БиХ.
Тој апелираше и до МВР на Србија да ги пронајде напаѓачите на двајцата Албанци во Нови Сад.
Вежбата ја организираат МВР на Србија и НАТО-агенцијата на Евроатлантскиот координациски центар за вонредни состојби.