Senita Sehercehajic
25 Јули 2024•Ажурирај: 30 Јули 2024
ЗАГРЕБ (АА) - Министерството за надворешни и европски работи (МНЕР) на Република Хрватска денес во нотата што ја прати до Амбасадата на Црна Гора во Загреб ја информираше Црна Гора дека Република Хрватска ги прогласила Андрија Мандиќ, претседател на Парламентот на Црна Гора, Милан Кнежевиќ, пратеник во Собранието на Црна Гора, и Алекс Бечиќ, потпретседател на Владата на Црна Гора за непожелни во Република Хрватска, јавува Анадолу.
Во нотата упатена до црногорската амбасада се наведува дека гореспоменатата одлука е донесена „поради систематските дејства за нарушување на добрососедските односи со Република Хрватска и континуираната злоупотреба на Република Хрватска за внатрешни политички цели“.
Оваа одлука на Хрватска дојде откако Собранието на Црна Гора ја усвои Резолуцијата за геноцид во логорите Јасеновац, Дахау и Маутхаузен, чии иницијатори беа споменатите функционери.
- Манипулација со жртви
„Министерството за надворешни и европски работи изразува жалење што мнозинството во Парламентот на Црна Гора одлучи да ги игнорира континуираните повици на Република Хрватска да не се прават потези што може негативно да влијаат врз нашите билатерални односи и на европскиот пат на Црна Гора. Во овој контекст, во дејствувањето особено се истакнуваат гореспоменатите политички функционери и нивното однесување не може да се смета за добронамерно и добрососедски во однос на Република Хрватска ниту, пак, е во согласност со декларираната цел за членство на Црна Гора во Европската Унија“, наведува хрватското МНЕР.
Со протестната нота во мај оваа година хрватското МНЕР ја предупреди Црна Гора за несоодветноста да се манипулира со жртвите во Јасеновац за политички цели, „инструментализација на Хрватска за тамошни внатрешна политика“, а Црна Гора беше поканета да се воздржи од сѐ што може го загрози нејзиниот пат кон Европската Унија (ЕУ).
- Однесување во европски дух
Во последната дипломатска нота хрватското МНЕР наведува дека „добрососедските односи се еден од клучните елементи во процесот на проширување, како и во процесот на стабилизација и асоцијација и еден од клучните критериуми за оценување на напредокот во процесот на пристапување на Црна Гора, во согласност со преговарачката рамка на Европската Унија за Црна Гора“.
„Хрватска ја поддржува европска Црна Гора, го поддржува процесот на пристапување во Европската Унија и се залага за напредок на европскиот пат на Црна Гора. Република Хрватска очекува Црна Гора да се однесува во согласност со европските вредности и европскиот дух и дека своите напори ќе ги насочи кон понатамошно исполнување на условите и одредниците во процесот на пристапување“, вели МВЕП на Хрватска.
Мандиќ и Кнежевиќ се од партиите на распуштениот проруски демократски фронт, на чија иницијатива Собранието на Црна Гора на 28 јуни ја изгласа Резолуцијата за геноцид во Јасеновац, која за Хрватска е неприфатлива. Пред два дена нивните партии станаа дел од реконструираната Влада на Црна Гора. Поддршка за Резолуцијата за Јасеновац во црногорскиот Парламент даде и мнозинството претставници на Движењето Европа на сегашниот премиер Милојко Спајиќ, Демократите на Алекса Бечиќ и Социјалистичката народна партија.
Резолуцијата за геноцидот во логорите Јасеновац, Дахау и Маутхаузен беше поднесена во собраниска процедура во мај како одговор на просрпската десница за поддршката на Владата на Милојко Спајиќ на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации.