Stipe Majic
11 Март 2022•Ажурирај: 12 Март 2022
ЗАГРЕБ (АА) - Хрватската полиција ги истражува причините за експлозијата, односно падот на некој вид летало до кој дојде синоќа во 23 часот, во непосредна близина на Студентскиот дом „Стјепан Радиќ“ во Загреб, создавајќи кратер на местото на падот, но за среќа, засега нема информации за евентуални жртви или повредени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Продолжува полициската истрага, а безбедносните сили со ленти огради широк простор околу кратерот, место на кое падна најголемиот дел од засега службено неодредениот објект од воздух. Истражните лица се во потрага од можни делови на распаднатото летало.
Главниот дел од леталото падна на работ од паркингот на улицата „Јарунска“, создавајќи кратер со длабочина од околу 1 метар и ширина од околу 3 метри. Поради ударот на тлото, дошло до исфрлање на земја на блискиот пат, што довело до оштетување на неколку паркирани автомобили и кршење на гранки од дрвјата.
Полицијата соопшти дека синоќа, на 10.3.2022 година, по 23 часот, Полициската управа во Загреб примила повеќе известувања од граѓани дека на пошироко подрачје на Јарун почувствувале детонација на која ѝ претходел пад на објект од воздух.
„На местото на настанот веднаш се испратени полициски екипи кои на зелената површина на локалитетот Јарунска без број пронајдоа кратер, додека на пошироко подрачје пронајдени се два падобрани, за кои исто така добивме известување од граѓаните. Полициските службеници го осигураа потесното и поширокото подрачје на местото на настанот на кое се изведува истрагата, со учество на службени лица. Засега полицијата нема известувања за евентуални повредени лица на подрачјето од пошироката зона на местото на настанот. Оштетени се неколку паркирани возила“, се наведува во соопштението.
Полицијата ги повика медиумите одговорно да ја известуваат јавноста, објавувајќи доверливи информации добиени од надлежните служби, а граѓаните по пат на социјалните мрежи да не споделуваат снимки и фотографии од местото на настанот.
Хрватските медиуми пренесоа неслужбени оценки на воени експерти кои врз основа на фотографиите оценија дека станува збор за пад на беспилотно летало од типот „Ту-141“, кое најверојатно долетало од подрачјето на Украина, каде што во борбените операции ги користи украинската војска.
Ова летало, инаку е производ на воената индустрија на СССР, но по модификацијата служело за надгледување на теренот. Со леталото, синоќа недалеку од кратерот се пронајдени и два падобрани, а се претпоставува дека станува збор за сочувани податоци што ги регистрирало леталото.
Голем број очевидци изјавија дека синоќа околу 23 часот слушнале бучава, по која следувале светло и експлозија, кои, најверојатно настанале при ударот на леталото на земјата, а потоа се почувствувал, како што наведуваат очевидците, необичен мирис, сличен на гас или запаливо гориво.
Службени детали од настанот сѐ уште не се објавени, а се очекува во текот на денот надлежните институции да ја известат јавноста за какво летало станува збор, од каде долетало до Загреб и како се урнало во близина на Студентскиот дом „Стјепан Радиќ“, во кој престојуваат неколку илјади студенти.