Stipe Majic
06 Декември 2021•Ажурирај: 07 Декември 2021
ЗАГРЕБ (АА) - Хрватскиот завод за јавно здравје (HZJZ) ги потврди првите два случаи на новиот сој на коронавирусот, Омикрон, јавува Агенција Анадолија (АА).
Крунослав Цапак, директорот на Хрватскиот завод за јавно здравје, на конференцијата за медиумите наведе дека преку половина од државите на ЕУ, како и сојузните држави во САД, имаат потврдено случаи со сојот Омикрон.
„Постојат шпекулации околу тежината на болеста што ја предизвикува Омикрон, но премногу е рано сега да се даваат прогнози“, порача Цапак.
Цапак кажа дека во Хрватска има двонеделна стагнација на бројот на новозаразени и дека очекува пад на хоспитализираните лица со најтешки симптоми на Ковид-19.
Љиљана Жмак, микробиолог во ХЗЈЗ, изјави дека секвенционирањето на целиот геном потврдило еден случај, додека вториот случај не е во целост потврден, бидејќи не е секвенциониран целиот геном на коронавирусот, но дека сите индикации покажуваат дека станува збор и за втор случај.
Епидемиологот Бернард Каиќ истакна дека целта е да се стават под надзор контактите на заболените со Омикрон и дека постои сомневање дека две лица биле заразени на деловен состанок, одржан два дена пред појавата на симптомите на болеста. Ниту еден од заразените не патувал во странство, а и двајцата биле вакцинирани.
„Сите контакти се ставени во карантин и повикани се на тестирање, 13 се веќе тестирани, меѓу нив има и неколку странски државјани“, наведе Каиќ.
„Заштитата од вакцините за развој на средно тешки до тешки облици на болеста предизвикани од Омикрон изнесува околу 90 проценти, според податоците од ЈАР“, рече Каиќ.
Станува збор за симптоми слични на грип, со висока температура, болка и умор во телото и мускулите.
Каиќ истакна дека целта е да се успори наглото ширење на омикрон-варијантата на вирусот и дека доколку постои сомневање за Омикрон, контактите ќе бидат ставени во 14-дневна изолација, додека за делта-варијантата сè уште важи 10-дневен карантин.