Stipe Majic
26 Август 2021•Ажурирај: 28 Август 2021
ЗАГРЕБ (АА) - Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, учествуваше на церемонијата по повод одбележувањето на 30-годишнината од страдањето на цивилните жртви од Киево во Татковинската војна, нагласувајќи дека прашањето за исчезнатите лица е клучно за односите меѓу Хрватска и Србија и ги повика граѓаните да се вакцинираат, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во односите меѓу Хрватска и Србија, хрватскиот претседател како клучна тема ја наведе судбината на исчезнатите.
„Не можеме да бараме од Србија воена отштета, туку човечки души, бидејќи се работи повеќе за човечките души отколку за тела, мора да зборуваме за тоа, затоа што таа ја има таа информација и треба да ни ја даде. Ќе ги решиме границите, има многу нерешени прашања за границата и меѓу членките на ЕУ, па се живее нормално“, порача Милановиќ
Хрватскиот претседател, исто така, ја коментираше ситуацијата со пандемијата на коронавирусот, порачувајќи им на граѓаните дека вакцинацијата е единствениот начин за борба против кризата.
„Не можеме да дејствуваме тврдоглаво, бидејќи живееме во заедница која е поголема од нас и не може секогаш да биде онака како што мислиме дека ќе биде најпаметно. Јас би го направил тоа, не како Франција и Германија, туку како што правеше Шведска од почеток, која може тоа да си го дозволи, не без политички трошоци, но ние, очигледно, не можеме. Многу луѓе се вакцинирани, повеќето луѓе кои се во години се вакцинирани. Овие мерки немаат никаква смисла, освен доколку не е загрозен здравствениот систем и одделенијата за интензивна нега, но засега, гледам дека не се. Луѓето кои не се вакцинирани се изложуваат на ризик, мојата порака е повторно, вакцинирајте се, мислете на себе. За оној кој се вакцинирал, шансите сериозно да се разболи практично не постојат. Од оние кои се вакцинирани, 0,3 отсто се разболеа повторно, завршија на респиратор, само 1 отсто во болница, тоа се фактите. Вакцинирајте се, верувајте на науката, бидете практични, мислете на себе“, порача Милановиќ.