ПОДГОРИЦА (АА) - За влез во Црна Гора, од вторник, 14 септември, ќе биде потребно да се исполни еден од трите услови, меѓу кои е и потврдата за вакцинација, се предвидува со новите епидемиолошки мерки кои се претставени денеска, јавува Агенција Анадолија (АА).
Поради зголемениот број на заразени и починати од новиот делта-сој на коронавирусот, здравствените власти на Црна Гора донесоа нови, заострени мерки. Условот за влез ќе биде да се поминати 14 дена од ревакцинацијата за вакцините кои се даваат во две дози, односно да поминале 14 дена од имунизацијата со вакцините кои се даваат во една доза.
Исто така, за да се влезе во Црна Гора потребно е лицето да поседува негативен ПЦР-тест на Ковид-19 кој не е постар од 72 часа или позитивен ПЦР-тест кој е постар од 14 и не е постар од 180 дена или лицето да поседува негативен брз антигенски тест кој не е постар од 48 часа.
Министерката за здравство, Јелена Боровиниќ-Бојовиќ, рече дека Црногорците и странците со привремен престој кои не исполнуваат ниту еден од пропишаните услови ќе можат да влезат во Црна Гора, но ќе бидат испратени во изолација што може да се прекине со ПЦР-тест кој е негативен на шестиот ден по преминување на границата.
Таа рече дека лица под 18-годишна возраст безусловно влегуваат во Црна Гора - и црногорски државјани и странци. Боровиниќ-Бојовиќ рече дека со оглед на очекуваната промена во епидемиолошката слика во Црна Гора, разгледани се различни сценарија поврзани со мерките - од заклучување на одредени градови до воведување полициски час низ целата земја.
„Одлуката да се даде приоритет на имунизацијата, на која одговорот во Црна Гора беше добар досега, преовладуваше, имајќи предвид дека над 45 % од возрасните граѓани ја примиле првата доза“, рече Боровиниќ-Бојовиќ.
Новите мерки предвидуваат дека на свадбите и другите приватни прослави, како и спортски настани што се одржуваат во затворени простории, можат да присуствуваат до 100 луѓе, под услов да исполнуваат еден од пропишаните услови од Националната дигитална ковид-потврда.
Боровиниќ-Бојовиќ рече дека бројот на присутни на вакви настани на терасите и во градините на угостителските објекти не е ограничен, но дека сите гости, како и вработените, мора да исполнат еден од пропишаните услови.
„Изведувањето музика во живо внатре во угостителските објекти е забрането. Сите организатори на сиве овие настани се должни да назначат лице кое ќе контролира и ќе биде одговорно за почитување на овие мерки“, рече Боровиниќ-Бојовиќ.
Таа рече дека влезот во дискотеки и ноќни клубови е дозволен само за лица кои исполнуваат еден од пропишаните услови од Националата дигитална ковид-потврда, а бројот на присутни гости е ограничен на 100.
„Влезот во трговските центри е дозволен само за лица кои исполнуваат еден од пропишаните услови од Националната дигитална ковид-потврда“, рече Боровиниќ-Бојовиќ.
Директорот на Институтот за јавно здравје (IJZ), Игор Галиќ, вели дека повеќе од една третина од заразените граѓани се оние на возраст меѓу 20 и 39 години и тие се најчестите носители на вирусот.
„Како такви, тие го пренесуваат вирусот, а тие се најмалку вакцинирани. Одговорот во оваа категорија е од 20 до 30 проценти, така што страдаат постарите од семејството и работната средина“, рече Галиќ.
Според податоците добиени од Институтот за јавно здравје од болниците, 86,5 проценти од оние кои починале од коронавирусот од 4 мај до денес, биле невакцинирани пациенти.
„Деведесет и пет отсто од нив беа пациенти од 70 до над 90 години. Меѓутоа, фактот дека ова е болест која не познава возраст, што е опасна предрасуда кај младите луѓе во Црна Гора, за жал, докажува дека 5 отсто од починатите се пациенти од 30 до 70 години“, рече Галиќ.
news_share_descriptionsubscription_contact
