Adel Omeragic
13 Јули 2018•Ажурирај: 14 Јули 2018
ПОДГОРИЦА (АА) - Црна Гора денес го одбележува Денот на државноста, во знак на сеќавање на 13 јули 1878 година, кога на Берлинскиот конгрес беше признаена како самостојна држава, како и на истиот датум 1941 година кога народот на Црна Гора започна востание против фашизмот, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод Денот на независноста, црногорскиот претседател Мило Џукановиќ синоќа приреди прием, на кој порача дека Црна Гора го одбележува Денот на независноста со гордост и голема надеж во догледна подобра европска иднина.
Џукановиќ изјави дека денешните генерации во Црна Гора, како и поколенијата кои доаѓаат, за својот европски слободен дух имаат силно засолниште и инспирација во клучните историски општонародни успеси, како што беше востанието против фашизмот на 13 јули во 1941 година. Тој додаде и дека ова е година во која овој државен празник се одбележува во знак на големите јубилеи.
„Се навршуваат 140 години откога на Берлинскиот конгрес беше потврдена независноста на Црна Гора и беше признаен нејзиниот меѓународно-правен субјективитет. Општонародното востание на 13 јули 1941 година го трасираше правецот на модерен развој на Црна Гора и на поробена Европа ѝ внесе надеж во можноста за победа над фашизмот“, потсети Џукановиќ.
Тој наведе и дека се навршува век од илегалните и нелегитимни одлуки на Подгоричкото собрание 1918 година, со кои Црна Гора како земја сојузничка во Големата војна е избришана од мапата на светот.
Тој соопшти дека историјата се погрижила денешните генерации на 21 мај 2006 година, по мирен пат на демократскиот референдум, со обнова на независноста на Црна Гора да ги поправат и сопствените и туѓите грешки.
„Ние ги славиме нашите историски подвизи и ја почитуваме ослободителната традиција, но водиме државна политика во духот на современиот период, свртена кон иднината. Некогаш воинствената земја, во ’90-тите години на минатиот век беше единствена република која за време на распаѓањето на Југославија го сочува мирот, стабилноста и мултиетничката хармонија“, потсети Џукановиќ.
На приемот во Синиот дворец на Цетиње присуствуваа претставниците на политичкиот, научниот, културниот, земјоделскиот и спортскиот живот на Црна Гора, народни херои и претходни највисоки државни функционери. Присутни беа и претставниците на дипломатскиот кор и високи официјални претставници на меѓународните организации и институции.
Претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, вчера ги врачи 13-јулските награди за најголемото национално признание на вајарот Крст Андријашевиќ, на виолончелистот Алекса Асановиќ и на професорот Аднан Чигриќ, како и наградата за животно дело на професорот Вукиќ Пулевиќ.
По повод државниот празник Денот на независноста на Црна Гора, 13 и 14 јули се неработни денови.