Zlatan Kapic
01 Септември 2021•Ажурирај: 02 Септември 2021
НОВИ ПАЗАР (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, на свеченото отворање на Генералниот конзулат на Република Турција во Нови Пазар изјави дека денеска е историски ден, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Затоа што денес заедно со вас го отвораме Генералниот конзулат на Република Турција во Нови Пазар, кој има посебно место во нашите срца“, рече Чавушоглу, додавајќи:
„Односите меѓу Србија и Турција достигнаа највисоко ниво во модерната историја, а отворањето на Генералниот конзулат во Нови Пазар е само еден од резултатите на тие добри односи.“
Чавушоглу им се заблагодари на српскиот претседател Александар Вучиќ, српската Влада и министерот за надворешни работи, Никола Селаковиќ, за придонесот во отворањето на Конзулатот.
Шефот на турската дипломатија нагласи дека е среќен и рече дека му е чест што Турција е првата земја што отворила конзулат во Нови Пазар.
„Особено сме среќни што Босна и Херцеговина ќе го отвори својот Генерален конзулат во Нови Пазар по нас. Нашите браќа во Санџак и нашите граѓани со потекло од Санџак се силна врска помеѓу нашите земји“, рече Чавушоглу.
Тој рече дека денес официјално отворениот конзулат опфаќа широка област од Пирот на исток, до Ужице на запад.
Чавушоглу потсети дека Турција работи на подобрување на односите со регионот, потсетувајќи на вчерашните средби што ги одржа во Белград.
Турскиот министер изјави дека знае дека жителите на Санџак со цело срце ја сакаат Турција, но дека и тие знаат дека Турција негува посебна љубов кон Санџак.
„Турција никогаш нема да ја заборави поддршката од жителите на Санџак, кои чуваа стража за демократијата за време на предавничкиот обид за удар на терористите на ФЕТО“, рече Чавушоглу, потсетувајќи дека Конзулатот ќе им биде на услуга на сите граѓани на Република Србија.
Генералниот конзулат на Република Турција во Нови Пазар (Србија), првиот конзулат во овој град, денеска беше свечено отворен со церемонија на сечење лента.
Претседателите на Турција и Србија, Реџеп Таип Ердоган и Александар Вучиќ, се обратија на свеченото отворање преку видеопорака, а лентата, во придружба на делегацијата ја пресекоа министрите за надворешни работи на двете земји, Мевлут Чавушоглу и Никола Селаковиќ.
Покрај претседателот и министрите, на свеченото отворање се обратија и турскиот амбасадор во Србија, Хами Аксој, и конзулот Башар Башол, а присуствуваа и Сеад Насуфовиќ, реис-ул-улема на Исламската заедница на Србија, градоначалникот на Нови Пазар, Нихад Бишевац, претседателката на Бошњачкиот национален совет, Јасмина Чуриќ, Расим Љајиќ, лидерот на Социјалдемократската партија на Србија, и голем број други функционери и граѓани.