Ekipa
26 Април 2021•Ажурирај: 27 Април 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, и американската амбасадорка во земјата, Кејт Брнз, денеска во армискиот полигон „Криволак“ ги посетија припадниците на инженерискиот баталјон на Армијата на Република Северна Македонија и 15. инженериски баталјон на вооружените сили на САД, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Двата баталјона заеднички работат на изградба на повеќе нови содржини и развој на патната инфраструктура на полигонот во пресрет на досега најголемата воена вежба која ќе се реализира во Северна Македонија, „Одлучен удар 21“, која стартува на 17 мај.
Министерството за одбрана соопшти дека министерката Шекеринска при посетата порачала дека за развојот на најголемиот воен полигон во земјата се покажува исто таква амбициозност како што пред неколку години е покажана за брзо зачленување во НАТО.
„Од Криволак создаваме полигон кој нема да има само македонска и регионална вредност, туку ќе биде вредност и шанса за Алијансата. Сето тоа ќе беше невозможно без нашите планови, нашата Армија, но се разбира и без поддршката на нашите сојузници“, истакнала Шекеринска.
Таа упатила благодарност до САД и до 15. инженериски баталјон на вооружените сили на САД затоа што заедно со македонските војници и офицери развиваат заеднички капацитет.
Како што се истакнува од Министерството, на „Криволак“ во моментов во завршна фаза на изградба е полетно – слетна патека за беспилотни летала, магацин за складирање на мети, две стрелишта за оклопни транспортери, како и поправка и изградба на нова патна инфраструктура во вкупна должина од 62 километри.
Шекеринска нагласила дека овие капацитети се наменети и за претстојната вежба, но и за сите извежбувања во иднина.
„Целта ни е овој ресурс да биде ресурс со кој што нашето членство во НАТО ќе покаже многу видливи резултати за сите сојузници и ќе донесе шанса и за локалната економија, и за зголемување и засилување на нашиот имиџ како најнов член на Алијансата“, додала министерката.
Амбасадорката на САД, Брнз, порачала дека е импресионирана од огромниот напредок кој го постигнале инженерците од армиите на двете земји и изразила благодарност до министерката Шекеринска за нејзините заложби за развој на овој полигон, не само како капацитет на Армијата, туку и на Алијансата.