Gorana Jakovljevic
28 Август 2021•Ажурирај: 30 Август 2021
ЦЕТИЊЕ
Република Турција одлично го разбира дефицитот на стабилноста што го имаме на Западен Балкан и потребата тој дефицит да го надминеме низ процесите на европските и евроатлантските интеграции. Затоа Република Турција инсистира на отворени врати на НАТО и ЕУ (Европската Унија) за земјите од Западен Балкан, изјави претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, по состанокот со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во Цетиње, известува Агенција Анадолија (АА).
Ѓукановиќ го изрази задоволството што Република Турција придонесува за европската и евроатланската перспектива на регионот на Западен Балкан.
Претседателот на Црна Гора на конференцијата за новинарите по средбата со турскиот претседател го изрази и задоволството за честа што Ердоган ѝ ја укажал на Црна Гора со својата посета.
„Односите меѓу нашите две земји се пријателски, меѓудржавните односи се многу развиени, а во меѓувреме благодарение на црногорското членство во НАТО, станавме одговорни партнери во Северноатлантската алијанса“, рече Ѓукановиќ.
Односите на двете земји ги оцени како значајни, проткаени со историски и културолошки нишки.
Според неговите зборови, црногорската дијаспора во Република Турција, што брои повеќе од 150.000 луѓе, претставува значаен мост за поврзување на двете земји.
„Тие луѓе се емотивно свртени кон земјата на своето потекло Црна Гора и истовремено одговорни граѓани на Република Турција“, нагласи Ѓукановиќ.
Црногорскиот претседател додаде дека Исламската заедница во Црна Гора претставува фактор на мултиетничка доверба во земјата.
„Со претседателот Ердоган се сложивме дека постои реален простор за унапредување на економските односи, за зголемување на надворешнотрговската размена и инвестиции“, рече Ѓукановиќ и додаде дека разговарале за чекорите што треба да ги направат во наредниот период, со цел да се искористат можностите.
Претседателот на Црна Гора рече дека го запознал претседателот на Република Турција со она што е реален политички живот во Црна Гора и изрази уверување дека тоа ќе претставува важен чекор во одржувањето на пријателството и унапредувањето на меѓудржавната соработка.
Претседателот на Турција, Ердоган, денеска допатува во официјална посета на Црна Гора, откако во петокот престојуваше во посета на Босна и Херцеговина (БиХ). Ердоган во БиХ го посети Меморијалниот центар „Ковачи“ во Сараево, ја отвори Башчаршиската џамија и се сретна со претседавачот и членовите на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, Шефик Џаферовиќ и Милорад Додик.