Admir Fazlagic
27 Март 2018•Ажурирај: 28 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Основното јавно обвнителство за гонење на организиран криминал и корупција (ЈОРМ) денеска до основниот суд Скопје 1 поднесе обвинителен акт против 30 лица во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април минатата година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што појасни државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, 28 лица од нив се обвинети за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а две лица се обвинети за помагање при вршење на истото кривично дело.
Како што наведе Јовески, обвинетите, го загрозиле уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија со акт на насилство со што создале чувство на несигурност и страв кај граѓаните. Тој истакна дека опсежаната истрага утврдила, а изрази уверување дека во судската постапка и ќе се докаже, дека обвинетите дејствувале со иста цел, извршувајќи поврзани и усогласени дејствија на битието на кривичното дело.
„Ве уварувам дека Обвинителството ќе продолжи да постапува согласно законот, имајќи предвид дека гонењето го врши во јавен интерес, и заради тоа неговата активност е насочена, пред се, пред лицето на правдата да ги донесе сите кои сториле кривично дело и секој да одговара за тоа што го сторил, обезбедувајќи го принципот на правна сигурност како еден од фундаменталните аспекти на владењето на правото, изјави Јовески.
Обвинителството ја запре постапката против пратеничката Жаклина Пешевска, која беше осомничена за упадот што се случи во Собранието на 27 април. Од обвинителството информираа дека постапката за Пешевска е запрена, бидејќи не се обезбедени докази за сторено кривично дело.
Јовески информираше дека со обвинителниот акт, меѓу останатите се опфатени три лица, припадници на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, кои биле носители на златна и сребрена команда.
Советникот за односи со јавност на ЈОРМ, Елизабета Недановска образложувајќи го обвинителниот акт рече дека иако припадниците од МВР биле континуирано известувани дека животот на лицата во Собранието им е загрозен, тие не издале наредби за дополнителни полициски сили.
„Тие иако континуирано биле известувани дека животот им е загрозен на пратениците , новинарите, вработените и овластените службени лица во Собранието, не издале наредби за распоредување на дополнителни полициски сили за внатрешно и надворешно обезбедување на Законодавниот дом", рече Недановска.
Во обвинението е наведено дека на 27 април едно лице преку телефонски повик во 14:30 часот било известено да ја почне акцијата и заедно со уште неколкумина обвинети го мобилизирале членството од Скопје и од другите градови за насилен упад во Собранието, однапред знаејќи дека објектот на Собранието не е обезбеден и заштитен од полициските сили.
„Десетмина од обвинетите организирале поголема група луѓе на кои им делеле маски-фантомни и заедно со нив, по претходен повик во 18:58 часот се упатиле кон Собранието", рече Недановска.
Во обвинението се опфатени и други лица кои биле учесници во друга група, како организатори на движењето „За заедничка Македонија“.
Како што е наведено во обвинителниот акт, двајца од обвинетите припадници на МВР кои се обвинети за помагање во извршување на ова дело одзеле два хард диска со цел да ги прикријат трагите од насилниот упад во Собранието.
„Покрај за обвинетите, истрагата утврдила дека во организирањето на настаните од 27 април во Собранието на РМ биле вклучени одреден број засега непознати лица за кои продолжуваат истражните дејства, рече Недановска.
Обвинителството со подесување на обвинителниот акт до судот доставило и предлог за продолжување на мерките притвор и куќен притвор ценејќи дека се уште постојат законски основи за нивно определување.
Потсетуваме, вечерта на 27 април минатата година, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието од страна на парламентарното мнозинство, во хаотична ситуација, демонстрантите организирани од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои беа собрани пред зградата на Парламентот, влегоа насилно во зградата.
Како резултат на насилството од страна на демонстрантите кон пратениците, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи пратеници, полицајци и претставници на медиумите.