Besar Ademi
18 Декември 2018•Ажурирај: 19 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија вечерва го усвои Законот за амнестија за насилните настани од 27 април минатата година во Собранието, за време на кои стотици демонстранти насилно влегоа во собраниската зграда и нападнаа околу 100 лица, вклучувајќи пратеници, полицајци и медиумски работници, јавува Anadolu Agency (AA).
Од вкупно 112 присутни пратеници, законот донесен по скратена постапка беше поддржан од 95 пратеници, а немаше ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан".
Согласно овој закон, амнестијата не ги опфаќа организаторите и подготвувачите на настанот, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје и експлозивни направи, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.
Илија Димовски, пратеник од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од собраниската говорница рече дека пратениците од неговата партија се приклучуваат кон предлагачите на овој закон.
„Поминавме многу непријатни ситуации во кои што се обесчовечивме помалку, но мислам дека треба да си погледнеме во очи и треба нашите проблеми и грешки да не ги префрлуваме на целото општество", рече Димовски.
Зијадин Села, пратеник од редовите на Движењето за реформи на Демократска партија (ДР-ДПА), кој имаше посериозни повреди за време на насилните настани на 27 април, се спротивстави на овој закон, истакнувајќи дека неговото донесување е „убивање на надежта на граѓаните за правда и владеење на правото".
„На 27 април имаше обид за мое убиство, но јас преживеав. Денес, по втор пат ме убија, голем број пратеници кои, за жал, со својот глас одлучија да ја убијат надежта на граѓаните за правда и владеење на правото", рече Села.
Сите обвинети за насилствата во македонското Собрание од 27 април имаат право во рок од пет дена по донесувањето на законот да поднесат индивидуални барања за амнестија, а судот ќе донесе решение по мислење на Јавното обвинителство на Република Македонија, а врз основа на докази со кои располага. Секој обвинет индивидуално ќе може да поднесе барање до надлежниот обвинител и суд, а судот ќе донесе решение по претходно мислење на Јавното обвинителство кое ќе го темели врз основа на докази со кои располага.
Потсетуваме, на 27 април 2017 година, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија, демонстрантите предводени од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија", кои се собраа пред Собранието, насилно влегоа во зградата и ги нападнаа пратениците, припадниците на полицијата, како и медиумските работници.
За насилните настани во Собранието на Република Македонија, се водат судски постапки за десетици луѓе, вклучувајќи ги и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.