Zylfije Adem Jakupi
04 Март 2022•Ажурирај: 06 Март 2022
ПРИШТИНА (АА) ‒ По нападот на Русија во Украина се гледа важноста на членството на Западен Балкан во НАТО и во Европската Унија, изјавија претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца и претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, јавува Агенција Анадолија (АА).
Коњуфца и Џафери, кој престојува во официјална посета на Косово, по состанокот одржаа заедничка прес-конференција на која оценија дека соработката меѓу институциите на Косово и Северна Македонија е многу блиска и дека двете земји имаат исти надворешнополитички цели.
„Ние сме решени и многу среќни што сме во иста рамка со Северна Македонија за тоа што сме целосно посветени на санкциите наметнати на Руската Федерација од страна на Европската Унија, НАТО и најмоќните демократии во светот предводени од САД”, изјави Коњуфца.
Тој рече дека сега сите скептици разбираат колку е важно членството на Северна Македонија за безбедноста на Западен Балкан, како и на Црна Гора и Албанија во НАТО и дека е важно Косово да се приклучи на Северноатлантската алијанса. Коњуфца смета дека треба да се забрза процесот на европската интеграција за земјите од Западен Балкан.
Одговарајќи на новинарски прашања, Коњуфца нагласи дека присуството на НАТО преку КФОР ја гарантира безбедноста на Косово и дека не се плаши дека Србија ќе го прекрши Кумановскиот договор. Тој, сепак, рече дека секогаш треба да биде подготвен за сите можни сценарија и дека треба да го убеди НАТО да го зголеми оружјето на Косовските безбедносни сили.
Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, рече дека Северна Македонија како членка на НАТО се приклучила кон повиците за итен прекин на војната во Украина и воспоставување мир.
Џафери истакна дека Северна Македонија ги поддржува аспирациите на Косово да стане дел од НАТО и ЕУ и го поддржува процесот на дијалог Косово ‒ Србија со цел да се постигне конечен договор и меѓусебно признавање.
„Ние како Република Северна Македонија имаме афирмативен став кон пристапувањето на Косово на сите мултилатерални и регионални иницијативи и форуми и ќе продолжиме да го поддржуваме членството на Република Косово во сите меѓународни организации и иницијативи во кои сме членки со право на глас“, нагласи Џафери.
Во контекст на економската соработка, претседателот на Собранието, Џафери, рече дека Косово е еден од најважните трговски партнери на Северна Македонија, особено во областа на извозот, додека се очекува уште поголема соработка во инфраструктурните односи.