Husamedin Gina
21 Февруари 2019•Ажурирај: 22 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) – Со усвоениот Закон за инспекциски надзор се воведува опомената како правило пред изрекување на казна за фирмите, рече министерот за информатичко општество и администрација на Република Северна Македонија, Дамјан Манчевски, на денешната прес-конференција одржана во Владата, јавува Anadolu Agency (AA).
Манчевски нагласи дека со Законот за инспекциски надзор, кој се усвои на последната седница на Владата, инспекциите повеќе нема да можат да се користат како механизам за политички или за економски притисок.
„Со овој закон конечно се воведува опомената како правило пред изрекување на казна. Инспекцискиот надзор мора да престане да биде механизам за полнење на буџетот. Инспекцискиот надзор мора најпрвин да има советодавна улога, субјектите најпрвин ќе добиваат опомена и рок да ја отстранат неправилноста пред да се изрече казната. Само на таков начин инспекцијата нема да се доживува како репресија“, рече министерот Манчевски, додавајќи дека од Законот за инспекциски надзор корист ќе има целиот бизнис-сектор.
Според министерот Манчевски, исклучок ќе бидат случаите кога инспекторот ќе оцени дека утврдените неправилности може да предизвикаат опасност за животот и здравјето на граѓаните, да предизвикаат голема финансиска штета, загрозување на животната средина или на јавниот интерес.
Тој, исто така нагласи дека очекува Законот за инспекциски надзор позитивно да влијае врз фирмите, особено врз помалите кои најчесто нивните сопственици мора да ги затворат пред да им се даде шанса да ги отстранат неправилностите.
„Предвидени се повисоки плати за инспекторите“, рече Манчевски, напоменувајќи дека предност имаат оние кои се изложени на ризик, како пазарната инспекција и оние кои работат ноќе во клубовите со алкохолизирани лица, што не е исто со инспекторите кои работат во образование.