Zehra Ulucak
21 Февруари 2019•Ажурирај: 22 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин, за време на телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, порача дека неговата земја е подготвена на јакнење на економската соработка со Северна Кореја, за на тој начин да се забрза процесот на денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Кабинетот на претседателот на Јужна Кореја, Ким Еуи Кјеом, потврди дека Мун за време на разговорот со Трамп порачал дека Јужна Кореја е подготвена на преземање обострани чекори како поддршка во процесот на денуклеаризација на северниот дел, јавува агенцијата „Јонхап“.
„Мун порача, дека доколку тоа Трамп го бара, Јужна Кореја е подготвена со Северна Кореја повторно да ги поврзе друмскиот и железничкиот сообраќај. Јужна Кореја е подготвена да ја преземе значајната улога во покренувањето на проектите за подобра економска соработка меѓу двете земји, и на тој начин да го намали товарот на САД“, изјави портпаролот Ким.
Тој, исто така додаде дека Трамп и Мун разговарале за деталите на претстојниот и втор по ред Самит на лидерите на САД и Северна Кореја, кој ќе биде одржан во главниот град на Виетнам.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и американскиот претседател Доналд Трамп се состанаа на 5 јуни минатата година во Сингапур, по што изнесоа дека е јасна целта на „потполна денуклеаризација“ на Корејскиот Полуостров, но не прецизираа кога и како тоа ќе се случи. Вториот Самит на лидерите ќе биде одржан во Ханој на 27 и 28 февруари.