Senada Ibraimova
28 Декември 2016•Ажурирај: 29 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Денес Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) во присуство на претставнички на компаниите одржа прес-конференција со акцент на активните мерки за поддршка на жените во приватниот сектор, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешната прес-конференција, во чиј фокус беа активните мерки за поддршка на жените во приватниот сектор, учествуваа оперативниот директор на ССК, Александар Зарков, директорката на Агенцијата за вработување во Скопје, Слободанка Алексовска, претседателката на Здружението на бизнис жени од Македонија, Валентина Дисоска, како и претставници на компании.
Од Сојузот на стопански комори на Македонија изјавија дека според податоците, во однос на вработувањето жените се најмногу застапени во секторот услуги. Оперативниот директор на ССК истакна дека доколку продолжи соработката меѓу ССК, Агенцијата за вработување и Здружението на бизнис жени од Македонија, ќе расте процентот на застапеност на жените во приватниот сектор, кој моментално изнесува 2 – 10 проценти.
Директорката на Агенцијата за вработување во Скопје, Слободанка Алексовска, во својата изјава нагласи дека во мерките за вработување што агенцијата почна да ги спроведува од 2007 година, се внимава жените да бидат застапени со најмалку 30%. Таа истакна дека при спроведувањето на овие мерки, во овие години се надминува процентот од 30 отсто односно: „Во периодот од 2007 до 2016 година, од вкупно 108 илјади 424 лица учесници, над 51 илјада 651 се жени учеснички во активните мерки и услуги, што значи дека над 50% од учесниците во активните мерки и политики се жени“, рече Алексовска.
Според Алексовска, поголема вработеност на жените е застапена преку мерката за самовработување со грант (над 35,8% жени), во самовработувањето со кредитирање (над 33,3% жени), во обука кај познат работодавач (над 75,1% жени), а исто така жените најмногу посетувале обуки за вештини, јазици и компјутери, односно над 67,7% од вкупниот број на посетители биле жени.
Претседателката на Здружението на бизнис жени од Македонија, Валентина Дисоска, пак, меѓу другото се осврна на родовата застапеност во претприемништвото, односно родовиот јаз во платите за жените. Таа истакна дека како здружение работат на економското јакнење на жената преку зајакнување на претприемништвото, процент што според Државниот завод за статистика изнесува 18,4% самовработени жени.
„Според трите клучни индикатори со кои се мери родовата избалансираност, како што се индексот на родова нееднаквост на Обединетите Нации, глобалниот јаз меѓу половите од Светскиот економски форум, како и индексот на ОСИД за социјалните институции и родовиот индекс, ние сѐ уште заостануваме зад родовата избалансираност“, истакна Дисоска и додаде дека треба активно да се работи на зајакнување на женското претприемништво преку различни иницијативи.