Admir Fazlagic
29 Јули 2020•Ажурирај: 30 Јули 2020
СКОПЈЕ
Туристичките работници организираа протест во Скопје на кој порачаа дека „туристичкиот сектор ќе колабира, доколку државата не реагира веднаш", јавува Агенција Анадолија (АА).
Во попладневните часови во Скопје, стотици туристички работници излегоа на протест, марширајќи низ центарот на градот до пред зградата на Владата на Република Северна Македонија, од каде ги искажаа своите барања со цел решавање на нивната сосотјба предизвикана поради состојбата со коронавирусот (Ковид-19).
„Помош за агенциите значи спас за туризмот“, „Триста туристички агенции ќе стават клуч на врата“, „Туризмот на респиратор“, „Ни треба помош сега и веднаш“ , „Државата ќе загуби милионски суми од даноци“ , „Автобусите ќе останат паркирани“, беа дел од транспарентите на денешниот мирен протест што го организираа туристичките работници.
Учесниците на протестот истакнаа дека доколку државата не реагира и им помогне веднаш, туристичкиот сектор ќе колабира и околу 5.000 семејства ќе останат без приходи.
Тие посочија дека повеќе од 5 месеци не работат и не остваруваат никаков профит, а според сегашната ситуација, ваквата состојба би можела да продолжи и во наредниот период поради пандемијата на Ковид-19. Туристичките работици информираа дека поради познатата состојба, не можат да ги подмират тековните трошоци и обврски, истакнувајќи дека е доведена во прашање нивната егситенција и дека доколку ваквата ситуација продолжи ќе бидат приморани да „стават клуч на врата".
Како што велат, доколку ако државата му помогне на туристичкиот сектор да опстане, ќе им помогне и на останатите дејности во стопанството зашто сите се меѓусебно поврзани.
„Субвенционирање на платите од 14.500 денари до крајот на годината со 100 процентно покривање на придонесите, неповратна финансиска помош од 500 евра за фирми до пет вработени и од 1.000 евра за фирми со над пет вработени преку Фондот за туризам според остварен промет во 2019 година, одложување на исплатата на кредитите, ослободување од ДДВ и аконтација до крајот на годината, одобрување бескаматни кредити за сите без никакви услови, а за оние веќе одобрените пролонгирање на грејс периодот од шест на 12 месеци", порачаа туристичките работници, кажувајќи ги своите барања до Владата.
Од друга страна, туристичките превозници побараа наместо 50 проценти, како што е сега, капацитетот на исполнетост на возилата да биде 70 отсто од седиштата, како и до 2021 година да важи зелениот картон за 2020 година, кој е веќе платен, но не и искористен.
Учесниците на протестот потсетија дека во јуни оваа година директно ги доставија барањата во Министерството за економија на Северна Македонија и повторија дека очекуваат Владата да одговори конкретно како може да им помогне.
На крајот од протестот, туристичките работници пред Владата ги фрлија катанците и клучевите во кутија, со тоа испраќајќи симболична порака дека „доколку веднаш не добијат помош од државата, ќе бидат доведени да стават клуч на вратите од туристичките агенции во земјата."