Sayed Khodaiberdi Sadat
03 Ноември 2021•Ажурирај: 04 Ноември 2021
КАБУЛ (АА) – Во Авганистан, земја која е во економска криза, администрацијата на талибанците ја забрани употребата на странски валути, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за медиумите, заменик-портпаролот на талибанците, Билал Керими, рече дека сакаат во сите трансакции сите да ја користат авганистанската валута поради економската ситуација и националните интереси на земјата.
Наведувајќи дека целта им е трговците, занаетчиите и граѓаните да не користат девизи во трговијата, Керими нагласи дека употребата на девизи има негативни ефекти врз економијата на земјата и штети на граѓаните.
Керими, исто така, додаде дека против оние кои нема да ја почитуваат оваа одлука, ќе бидат преземени правни мерки.
Од друга страна, на 15 септември Централната банка на Авганистан ги повика сите граѓани да ја користат авганистанската валута.
- Недостиг на готовина и економска криза во земјата -
Банките, кои беа затворени околу две недели откако талибанците ја презедоа контролата врз главниот град Кабул, не можат да ги задоволат потребите за готовина на граѓаните.
Долгите редици пред банките продолжуваат.
Откако падна Владата, се забележува пораст на доларот за околу 15 отсто, а поскапуваат многу производи.
Во земјата поради недостиг на готовина, луѓето неделно од банките можат да подигнат најмногу 20.000 авганистански авгани (околу 200 долари).
Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Федералните резерви на САД од неодамна го прекинаа пристапот на Авганистан до меѓународните фондови.
Од друга страна, голем број земји одбиваат да ја признаат талибанската Влада.
Експертите предупредуваат дека земјата забрзано се движи кон економска катастрофа.
Исто така, американската администрација ги замрзна резервите на авганистанската Влада во американските банки.