Servet Günerigök
21 Септември 2023•Ажурирај: 22 Септември 2023
ЊУЈОРК (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека довербата во економската стабилност на Туркије е зајакната по претседателските избори во земјата во мај, јавува Анадолу.
„Задоволство ни е што гледаме дека довербата во економската стабилност на нашата земја зајакна по изборите“, рече турскиот претседател во своето обраќање на настанот организиран од страна на Турско-американскиот бизнис-совет во Њујорк.
Тој истакна дека Туркије е фокусирана на воспоставување клима за одржлив раст преку политики кои даваат приоритет на инвестициите, вработувањето, производството и извозот.
Осврнувајќи се на среднорочната програма на земјата, претседателот Ердоган рече дека Туркије се стреми кон „елиминирање на факторите кои ја зголемуваат инфлацијата со примена на алатките на фискалната и доходната политика без да се загрози економскиот раст“.
За обемот на трговска размена меѓу САД и Туркије, Ердоган рече дека САД се втора по големина дестинација за турскиот извоз и петти по големина извор на увоз.
„До крајот на 2022 година, обемот на нашата трговска размена надмина 32 милијарди долари“, рече турскиот претседател.
Тој исто така нагласи дека Туркије очекува што поскоро отстранување на пречките за развој на соработката со САД во одбранбената индустрија.