Aşkın Kıyağan
05 Март 2020•Ажурирај: 06 Март 2020
ВИЕНА (АА) - Во Виена започна 178. Вонредно заседание на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), јавува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот учествуваат министрите за енергетика и нафта на земјите членки во седиштето на ОПЕК. Истовремено, зајакнати се превентивните мерки поради новата ситуација во врска со заразата со коронавирус.
Министерот за енергетика на Алжир и претседавачот на конференцијата на ОПЕК, Мохамед Аркаб, во воведното обраќање се осврна и на значењето на Декларацијата за соработка која членките на ОПЕК и земјите надвор од организацијата ја усвоија во 2016 година.
Тој додаде дека одлуката за ограничување на производството на нафта, која членките на ОПЕК и оние кои не се членки ја донесоа во декември минатата година, позитивно се одразила на пазарот.
Сепак, потсети и на појавата на коронавирусот кој негативно се одрази на состојбата на пазарот, меѓу останатото и на побарувачката на нафта, во првиот и вториот квартал во 2020 година.
Тој предупреди дека ваквите проблеми кои ги погодуваат нафтените пазари не се нешто со што земјите можат сами да се изборат.
„Компликуваните ситуации бараат соработка и заедничко дејствување. Затоа, страните вклучени во Декларацијата за соработка се во контакт со нашите пријатели и партнери во Кина во овие тешки времиња“, рече Аркаб.
Земјите на ОПЕК и ОПЕК +, вклучително и Русија, минатиот декември донесоа одлука да го намалат дневното производство на нафта, додека Саудиска Арабија доброволно воведува дополнителни намалувања на дневно ниво.