Ayhan Şimşek
28 Август 2018•Ажурирај: 29 Август 2018
БЕРЛИН (АА) - Германскиот министер за надворешни работи, Хеико Мас, денес изјави дека Европската Унија сака да види стабилен економски развој во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи пред германските бизнис-претставници и амбасадори во Министерството за надворешни работи, Хеико Мас го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп за воведените санкции и неговата политика на економски притисок кон Турција.
„Секако ние Европејците имаме голем интерес од стабилен економски развој во Турција“, нагласи тој.
Мас изјави дека ќе ја посети Турција наредната недела и ќе се состане со претставниците на турската Влада со кои ќе дискутира за економскиот развој.
Германскиот министер за надворешни работи се очекува да ја посети Турција на 5 и 6 септември, пред клучната посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Берлин, која ќе се оствари на 28 и 29 септември.
Во изминатите две години политичките односи меѓу Анкара и Берлин претрпеа неуспеси, но во изминатите месеци двете страни презедоа чекори за подобрување на односите.
Германија е главен економски и трговски партнер на Турција. Повеќе од 7.500 германски компании се активни во Турција. Во 2017 година билатералниот трговски обем достигна 37,6 милијарди евра (43,6 милијарди долари).