Dildar Baykan Atalay
03 Декември 2022•Ажурирано: 05 Декември 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Земјите членки на Г7 и Австралија ѝ се приклучија на Европската Унија (ЕУ) во воведувањето горна граница на цената на руската нафта од 60 долари по барел, известува Агенција Анадолија (АА).
Организацијата на седум најразвиени економии на светот соопшти дека по примерот на ЕУ вовела горна граница за цената на руската нафта што се транспортира по морски пат.
„Со оваа денешна одлука ја исполнуваме обврската што лидерите на Г7 ја презедоа на нивниот самит во Елмау да ја спречат Русија да профитира од својата агресорска војна против Украина, да ја поддржат стабилноста на глобалниот економски пазар и да ги минимизираат негативните економски последици од руската агресорска војна“, се наведува во соопштението.
Оваа одлука стапува во сила на 5 декември.
Членките на Г7 и ЕУ веќе извесен период преговараа за наметнување горна граница на цената на руската нафта.
Г7 минатата недела предложи поставување горна граница од 65 до 70 долари по барел за нафтата што по морски пат се транспортира од Русија.
Некои земји од ЕУ, како Полска, Литванија и Естонија, побараа многу пониски цени, додека други земји членки, меѓу кои се Грција и Малта, кои играат важна улога во транспортот на руската нафта и обезбедуваат значаен приход, бараа горната граница да биде многу повисока.
Европската комисија предложи примена на горна цена од 60 долари по барел за нафтата што од Русија пристигнува по морски пат за да се постигне консензус во преговорите меѓу земјите членки.
Се воведува и нов механизам за ограничување на цената заедно со горната цена од 60 долари за руската нафта. Механизмот ќе обезбеди горната цена на руската нафта да биде 5 отсто под цената на нафтата на светскиот пазар.
Горната цена што ќе се применува за руската нафта ќе биде ревидирана на секои два месеци.
Русија произведува околу 10 отсто од светската нафта. Руските претставници на власта најавија дека нема да им продаваат нафта на земјите кои учествуваат во примената на горната цена.