Kristina Maslareviç
28 Октомври 2016•Ажурирај: 29 Октомври 2016
БЕЛГРАД (AA) - Во рамките на работната посета на Србија, македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, заедно со српскиот колега Томислав Николиќ, учествуваше на Бизнис форумот Србија-Македонија, јавува Anadolu Agency (АА).
Претседателот на Србија Томислав Николиќ, обраќајќи им се на присутните стопанственици, истакна дека тој и Иванов користат секоја можност и заемна посета да ги соберат стопанствениците на двете држави, да ги поврзат и да им помогнат во остварувањето на соработката за доброто на сите.
„Полесно е да се истакнат економските потенцијали и да се конкретизираат работите во амбиентот во кој постојат пријателски односи меѓу државите. Македонија и Србија се пријатели, ние го исполнивме тој предуслов, рече претседателот на Србија Томислав Николиќ.
Тој наведе дека Србија и Македонија се важни економски партнери и дека стопанствата на двете земји во добра мерка се комплементарни, што се предности кои би требало повеќе да ги искористат двете земји. Како што рече, стоковната размена е на задоволително ниво, но пости простор за нејзино интензивирање со соработка меѓу стопанствата.
„Токму поради тоа, Ве повикувам, Вас стопанствениците, да не ги гледате Србија и Македонија само како пазари за пласман на вашата стока и услугите, туку и како прилика меѓусебно секторски да се поврзете во партнерства, кои ќе бидат еднакво конкурентни на регионалните но и на подалечните пазари. Заедничкото настапување во една област би придонело до поконкурентна понуда на светскиот пазар, а тоа е од исклучително значење не само за стопанствата, туку и за севкупниот развој на двете земји", рече Николиќ.
Додаде дека во областите патна инфраструктура, енергетика, земјоделството и туризмот се одличен потенцијал за развој и задничка соработка.
Претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов истакна дека во сите сфери довербата е од клучно значење, па така и во економијата и во бизнисот.
„Србија е еден од најголемите економски партнери на Македонија, само во првата половина од оваа година имавме преку 340 милиони долари трговска размена, но тоа не ни е доволно", рече Иванов и додаде дека денеска на форумот присуствува за да ги охрабри стопанствениците на двете земји да ја зголемат стоковната размена.
Како што рече, политичарите се тука да ги отвораат вратите и да воспоставуваат канали за соработка, кои би требало стопанствениците да ги користат и рече дека со Николиќ заедно ги поддржуваат сите регионални иницијативи во оваа област.
„Токму поради тоа ни е потребна инфраструкурата, бидејќи на Балканот географијата ја создавала историјата, имаме многу реки,планини, кои се ненадминливи", наведе Иванов и додаде дека на Македонија и било потребно 10 години за да се развие и воспостави успешна економија.
Иванов истакна дека на сите во регионот им се потребни заеднички настапи на странските пазари, бидејќи „поединечно сме мали за да се бориме со светските ајкули кои се присутни".
„Економската соработка секогаш е на високо место на агендата која ја имаме и настојуваме секоја средба да ја користиме за соработка во бизнисот. Ги повикувам сите бизнисмени од Србија да ги искористат предносите кои постојат во Македонија, а тоа се однесува и на македонските бизнисмени, да ги користат сите можности кои постојат во Србија", рече Иванов.
Во присуство на двајцата претседатели потпишан е и Договор за соработка помеѓу Стопанските комори на Србија и Македонија.