Gözde Bayar
05 Септември 2019•Ажурирај: 07 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Инфлуенсер-маркетингот се појавува како нова и успешна алатка за промовирање на производи, при што сѐ повеќе и повеќе луѓе се појавуваат на платформите на социјалните медиуми, јавува Anadolu Agency (AA).
Со текот на годините, стапката на инфлуенсери во дигиталниот маркетинг постепено се зголеми, при што се верува дека тие ја имаат моќта да влијаат врз одлуката на потрошувачите директно да ги купат производите.
Според извештајот издаден од Маркетинг-центарот за инфлуенсери, бројот на инфлуенсери е двојно зголемен за две години.
Во 2016 година бројот на инфлуенсери изнесуваше само 335, во 2017 година 420, а во 2018 година - 740. Обемот на маркетинг-индустријата на „новата ера“, исто така се зголеми од 1,7 милијарда долари во 2016 година до 4,6 милијарди долари во 2018 година. Индустријата се очекува да надмине 6,5 милијарди долари во 2019 година.
Речиси 65 отсто од бизнисите кои го издвојуваат својот буџет за маркетингот на инфлуенсери имаат план да ги зголемат своите трошоци за овој начин на публицитет во текот на следните 12 месеци.
„Во текот на изминатите три години постои неверојатно зголемување од 1.500 отсто во пребарувањата на Гугл за инфлуенсер-маркетинг“, се наведува во извештајот.
Во извештајот се додава дека социјалната мрежа „Инстаграм“ претставува нов тренд за младите. Корисниците поставуваат 400 милиони „сториња“ секојдневно на социјалната мрежа, при што ја прават повеќе популарна од останатите социјални платформи.
„Маркетинг-стратегиите се спроведуваат на побрз и поефективен начин преку социјалните мрежи“, изјави за АА Фиген Јилдирим, професорка на истанбулскиот Универзитет за трговија.
Таа додаде дека постојат два типа на инфлуенсери - професионалци и аматери.
„Кога ќе ги споредиме тие два типа, професионалните придонесуваат во признавањето на брендовите, но не влијаат многу врз купувањето на потрошувачот“, изјави таа.
Професорката нагласи дека корисниците повеќе ги преферираат советите од аматерите отколку оние од професионалците.
„Корисниците чувствуваат дека доколку аматерите можат да го користат тој производ, можат и тие, исто така“, додаде таа.