Barry Eitel
17 Јули 2018•Ажурирај: 18 Јули 2018
АНКАРА (АА) Кина поднесе жалба до Светската трговска организација (WTO), во врска со планот на Соединетите Американски Држави (САД) да воведат нови тарифи за увозот од Кина во вредност од 200 милијарди долари, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерството за трговија на Народна Република Кина (MOFCOM) објави соопштение во кое вели дека жалбата е поднесена во врска со тарифите предложени од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Минатата недела, Белата куќа објави опширна листа на околу 6.000 видови кинеска стока за тарифирање која, меѓу другото, ги вклучува и производите фурнир и мермер.
„САД не започнаа трговска војна само со Кина, туку и со целиот свет, влечејќи ја светската економија во опасност“, се вели во соопштението, и се додава: „Кога САД своеволно излегуваат од групи поради сопствени интереси, со изговор ’прво Американците‘, станаа непријатели на сите.“
Кина ја повика Светската трговска организација да иницира истрага за прекршување на меѓународното трговско право.
Исто така, вчера, САД поднесоа пет жалби до Светската трговска организација против Кина, ЕУ, Канада, Мексико и Турција. Овие жалби се однесуваат на одмаздничките тарифи врз американската стока, воведени по тарифите зa увозот во САД.
„Акциите преземени од страна на претседателот се целосно легитимни и целосно оправдани во контекст на американскиот закон и меѓународните трговски правила“, рече американскиот трговски претставник Роберт Лајтизер.
„Наместо да работат со нас да го решиме заедничкиот проблем, некои од нашите трговски партнери одбраа да одговорат со одмазднички тарифи, воведени со цел да ги казнат американските работници, фармери и компании. Се чини дека овие тарифи, во рамките на Договорот за Светската трговска организација (WTO) ги прекршуваат обврските на секој нејзин член.“
Во жалбите на САД се тврди дека одмаздничките тарифи претставуваат закана за националната безбедност.