Tuğrul Çam,Ahmet Furkan Mercan
27 Ноември 2019•Ажурирај: 28 Ноември 2019
АНКАРА
Откако Соединетите Американски Држави (САД) имаa приговор да бидат објавени безбедносните планови на НАТО за Турција, каде што стои дека ЈПГ/ПЈД/ПКК претставува закана и Турција се спротивстави на објавувањето на безбедносните планови на НАТО за земјите од Балтикот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите добиени од дипломатски извори, НАТО има два безбедносни плана - еден за Балтичките земји против Русија и еден за Турција против заканите кои доаѓаат од југ. Овие планови се одобруваат од Советот на НАТО и се ажурираат на секои две години.
Најновите безбедносни планови беа одобрени од Советот на НАТО. Во планот одобрен од страна на Советот стои дека ЈПГ/ПЈД/ПКК претставува закана за Турција. Но, и покрај тоа што планот беше одобрен од Советот, САД имаа приговор на планот. По тој приговор, уште неколку земји им се придружија на Соединетите Американски Држави.
„Кога ќе биде објавен документот, САД ќе бидат правно одговорни за поддршка на ЈПГ/ПЈД“, истакнуваат турските власти, оценувајќи го приговорот на САД.
Документот сѐ уште не е објавен, и покрај одобрувањето на Советот на НАТО.
„Ако не биде објавен планот за Турција, нема да дозволиме да се објават и другите планови“, велат турските власти.
Темата беше разгледана на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел на 20 ноември.
Турската делегација на состанокот истакна: „Оние што го сакаат објавувањето на извештајот подготвен за земјите од Балтикот, треба да ја покажат истата чувствителност и за Турција.“
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, прави напори за решавање на проблемот. Дипломатски извори велат дека Столтенберг се обидува да најде заеднички јазик.
Во меѓувреме, одговорни лица од Министерството за надворешни работи и Министерството за национална одбрана на Турција прават заеднички проценки за ситуацијата. Турските власти велат дека се отворени за предлози.
Столтенберг, во рамките на активностите за решавање на проблемот сакаше да се сретне со турските претставници. Турската делегација отиде на состанокот, но американската делегација не присуствуваше.
Турската страна потенцира дека во тек е работата за решавање на проблемот, но според неа, сѐ уште не се постигнати резултати.