Darren Lyn
20 Април 2026•Ажурирај: 20 Април 2026
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) водат преговори со администрацијата на Трамп за евентуална финансиска помош во случај на продолжување на воениот конфликт со Иран, објави „Волстрит џурнал“, пренесува Анадолу.
Во веста објавена вчера се наведува дека гувернерот на Централната банка на ОАЕ, Калед Мухамед Балама, минатата недела во Вашингтон остварил средба со американскиот министер за финансии Скот Бесент и со претставници на Федералните резерви, при што ја почнал иницијативата за воспоставување линија за размена на валути.
Официјалните претставници од Емиратите настојуваат да обезбедат „финансиски појас за спасување” од Соединетите Американски Држави, во случај војната со Иран да ја втурне оваа заливска држава богата со нафта во подлабока финансиска криза, се наведува во веста.
Евентуалното продолжување на воените дејства „би можело да предизвика сериозни нарушувања на националната економија и да ја загрози нејзината позиција како глобален финансиски центар, исцрпувајќи ги девизните резерви и одвраќајќи ги инвеститорите, кои претходно ја третираа земјата како стабилна и безбедна дестинација за својот капитал“, се додава.
Иранските воздушни напади предизвикаа оштетувања на нафтената и гасната инфраструктура во Обединетите Арапски Емирати. Блокадата на Ормускиот Теснец, која Иран ја спроведува од крајот на февруари, дополнително ја блокира испораката на нафта од Емиратите кон купувачите, лишувајќи ја земјата од клучниот извор на финансиски приходи.
Официјалните претставници на Емиратите сè уште немаат поднесено официјално барање за воспоставување линија за размена, но доколку се овозможи таков пристап, Централната банка на ОАЕ би имала поволен пристап до американските долари, со цел „поддршка на националната валута или зајакнување на девизните резерви во случај на криза со ликвидноста”, се наведува понатаму во веста.
Официјалните претставници на Емиратите сметаат дека одлуката на претседателот Доналд Трамп да му се придружи на Израел во војната против Иран „ја вплетка нивната земја во деструктивен конфликт“, при што предложениот план за финансиска помош би претставувал превентивен „заштитен механизам” доколку нивната економија падне во подлабока финансиска криза поради војната, се наведува во веста, повикувајќи се на американски извори.
Американските претставници шпекулираат дека ваков план можеби нема да биде одобрен за ОАЕ, со оглед на тоа што Федералниот комитет за отворен пазар обично ги одобрува овие мерки за ублажување на сериозни притисоци на пазарот на капитал, кои би можеле да се прелеат во американската економија.
Во моментов Соединетите Американски Држави имаат постојани договори за валутна размена со централните банки на Обединетото Кралство, Канада, Јапонија, Швајцарија и Европската Унија.
Обединетите Арапски Емирати не зависат исклучително од Соединетите Американски Држави, со оглед на тоа што на почетокот на овој месец воспоставија линија за размена со Бахреин во вредност од приближно 5 милијарди долари, со цел зајакнување на финансиската стабилност.
Без оглед на тоа дали Соединетите Американски Држави ќе интервенираат за да им помогнат на ОАЕ или, пак, други држави ќе понудат финансиска поддршка за земјите од Персискиот Заливот, официјалните претставниците на Блискиот Исток изјавија дека не очекуваат ниту лесно ниту брзо закрепнување на регионот.
„Основната логистика за распоред на поминување на танкерите и нивно враќање по хаосот на кој бевме сведоци, веројатно ќе потраат до крајот на јуни“, изјави во четвртокот министерот за финансии на Саудиска Арабија, Мухамед ал-Џадан. „Секој што се надева на брзо закрепнување, дури и при целосен прекин на непријателствата, ќе мора да ги преиспита таквите предвидувања.“