Ivana Ramadanova
19 Септември 2016•Ажурирај: 20 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Стопанската комора на Македонија денеска одржа прес-конференција на тема „Состојби во рударскиот сектор и преработката на минералните суровини“, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Асоцијацијата на рударство, Николајчо Николов информира дека според статистичките податоци за 2015 година, во секторот рударство и вадење камен активни се 173 компании, кои учествуваат со 10,1 процент во структурата на индустриското производство, додека кај преработката на неметални минерални суровини активни се 332 компании, со учество во структурата со 5,14 проценти.
„Вкупниот број на вработените изнесува околу 12.600 работници, со учество од околу 1,7 проценти во вкупниот број на вработени во земјата. БДП во рударството бележи континуиран раст, почнувајќи од 2015 година, со постепеното рестартирање на рудниците за метал „Бучим“, „Саса“, „Тораница“ и „Злетово“, така што од тогаш, учеството од 0,5 проценти во БДП во 2015 година веќе е двојно зголемено и изнесува преку 1 процент“, истакна Николов.
Според него, во 2015 година остварен е вкупен извоз од околу 155 милиони долари во секторот рударство, со учество од околу 3,4 проценти во вкупниот извоз на земјата.
„Во истиот период, увозот во секторот рударство изнесува околу 115 милиони долари, со учество од околу 1,6 проценти во вкупниот увоз. Кај производството на неметални минерали, извозот изнесува 51 милион долари, и има 1,1 проценти во вкупниот извоз, додека увозот изнесува 295 милиони долари, со учество од 4,6 проценти од вкупниот увоз“, додава Николов.
Од Стопанската комора на Македонија информираат дека експлоатација на минерални суровини се врши на 378 локации во земјата, за сите видови суровини. Доделени се концесии за истражување на 34 локации, од кои 13 се за металите бакар, злато, сребро, олово и цинк. Концесиите за истражување најчесто се доделени на странски компании, што говори дека постои голем интерес за развој на рударството во мала земја којашто има потенцијал и рудни резерви.