Senada Ibraimova
22 Ноември 2016•Ажурирај: 23 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје, Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) потпиша меморандум за соработка со Светската организација за слободни зони, со седиште во Дубаи, јавува Anadolu Agency (AA).
Со потпишувањето на овој меморандум, ТИРЗ стана членка на Светската организација за слободни зони, со што ќе се добие можност за проширување на контактите со потенцијалните инвеститори од светот, продлабочување на соработката со останатите слободни зони и за размена на искуства за привлекување нови инвеститори.
Регионалниот менаџер на Светската организација за слободни зони за Европа, државите од поранешниот СССР, Иран и Турција, Ника Манукова, изјави дека оваа соработка е со цел да го споделат нивното искуство со Македонија, за тоа кои се слободните технолошко-индустриски зони на иднината. Таа изјави дека како организација работат на процес за големо вмрежување, и дека досега имаат членови од 47 држави, а во светот има вкупно 3.500 слободни зони.
Директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо, во обраќањето пред медиумите рече дека заедно со делегацијата вчера и денес имале можност да посетат повеќе технолошко-индустриски зони, како што се зоните во Скопје, Струга, Кичево и во Тетово. Тој исто така изјави дека посетиле пет компании, како што се „Џонсон Мети“, „ВанХол“, „“ и други, кои веќе функционираат во државата. Таму се сретнале со менаџерските тимови на компаниите и разговарале за нивната работа тука, како и за тоа што значи ова членство во организацијата за понатамошни соработки со други компании од слободните економски зони низ светот.
„Нашето членство директно ќе влијае на трансферот на знаење и информации како ваквите зони функционираат низ светот, како ние да го подобриме процесот на привлекување инвеститори, но истовремено на сервисирање на постоечките инвеститори и, нормално, преку членството, Македонија дополнително се промовира како потенцијална дестинација за инвестирање“, истакна Мизо.
Според ТИРЗ, договорот е во насока на поефикасно работење на зоните и подобрување на условите за работа.