Gülbin Yıldırım
26 Јуни 2018•Ажурирај: 26 Јуни 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, упати критики до американскиот производител на мотоцикли „Харли Дејвидсон“, кој со цел обезбедување производство за европскиот пазар, донел одлука да се префрли во странство, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп, преку својот профил на социјалната мрежа Твитер сподели објава во која вели дека е зачуден од одлуката која американскиот производител на мотоцикли „Харли Дејвидсон“ ја донел поради царинските давачки кои во петокот ги воведе Европската Унија (ЕУ).
Трамп, велејќи дека американските компании треба да бидат трпеливи, во својата објава наведува: „Ме зачуди тоа што од сите компании во САД, „Харли Дејвидсон“ е првата која го подигна белото знаменце. Јас многу се борев за нив. На крај, ЕУ ни штети во трговијата, имаме дефицит од 151 милијарда долари. „Харли Дејвидсон“ нема да го плаќаат данокот на она што го продаваат, мислам дека даноците се само оправдување на Харли. Бидете трпеливи“.
Експертите овој потег на Трамп го оценуваат како обид да ги спречи останатите компании да го следат примерот на „Харли Дејвидсон“, откако ЕУ ги зголеми давачките во знак на реваншизам.
Европската Унија како одговор на воведената царина за алуминиум и железо од страна на САД, воведе дополнителни давачки во висина од 25 % за мотоцикли, јахти, бродови, резервоари, пченка, грашок, ориз, корнфлекс, путер од кикирики, боровнинки, сок од портокал, виски, пури, цигари, тутун, кармин, фармерки, платно, чевли, лавабоа, скали, вентилатори и други стотици производи од челик со американско потекло, што започна да се спроведува на 22 јуни.
- Одлуката ги намали акциите на „Харли Дејвидсон“ -
„Харли Дејвидсон“ првиот ден од неделава ги информираше американските власти дека донеле одлука производството наменето за европскиот пазар да го извадат надвор од границите на САД, поради одлуката на ЕУ за воведување царински давачки на американските производи.
Во соопштението на компанијата се вели дека за мотоциклите што „Харли Дејвидсон“ ги извезува во Европа, поради новововедените тарифи, царината од 6 % е зголемена на 31 %, што е причина за зголемување на цената на секој мотор поединечно за 2.200 долари.
Акциите на „Харли Дејвидсон“ со кои се тргува на њујоршката берза, по објавената одлука, денот го завршија со пад од околу 6 %.