Besar Ademi
04 Април 2018•Ажурирај: 05 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - На македонско-словенечкиот бизнис форум, организиран од Стопанската комора на Македонија во соработка со Амбасадата на Словенија во Скопје, беше истакнато дека трговската размена меѓу двете земји, која на годишно ниво изнесува близу 3 милиони евра, е стабилна и дека владите на двете земји работат размената да се приближи до 500 милиони евра, јавува Anadolu Agency (АА).
На бизнис форумот што се одржа во рамките на дводневната посета на словенечкиот премиер Миро Церар, раководителите на стопанските комори на Македонија и на Словенија, Бранко Азески и Соња Шмуц, истакнаа дека двете земји се слични една со друга, односно, имаат иста големина на површината и скоро слична историја.
Стратешките цели за постигнување на трговската размена до близу 500 милиони евра беа поддржани од страна на македонскиот премиер, Зоран Заев, и неговиот слевенечки колега, Миро Церар, кои, исто така, беа присутни на македонско-словенечкиот бизнис форум.
Премиерот Заев рече дека Македонија и Словенија се пријателски земји кои имаат одлични традиционални односи во сите области, вклучително и во областа на економијата, каде, според него, има голем потенцијал за натамошно унапредување.
„Денес, премиерот Церар, како и нашите претставници, презентираа бројки од нешто помалку од 300 милиони долари трговска соработка. Пријателството што го имаме, вистина е дека сме две мали земји, но верувам дека соработката може да биде многу поголема. Таа секоја година расте од 10 до 15 проценти, се подобрува и македонскиот извоз кон Словенија, но верувам дека постојат многу сериозни потенцијали“, изјави Заев.
Македонскиот премиер ги повика словенечките компании да ги користат традиционалните врски, за кои тој рече дека би можеле да придонесат за развој и подобрување на соработката меѓу двете земји.
Од друга страна, премиерот Церар истакна дека е важно пријателството меѓу Македонија и Словенија да се гради секојднево преку политичките, стопанските и културните односи, и преку сите останати области во кои соработуваат овие две земји.
„Мило ми е што Македонија го избра евроатлантскиот пат и сака со решавање на прашањето за името, за кое сметаме дека е блиску до решение, да биде насочена кон интеграцијата во Европската Унија дури и поинтензивно. Ова на Македонија и обезбедува долгорочна економска стабилност. Ако прашате што може да направи една влада за економијата, најважниот дел е да обезбеди економска стабилност“, изјави Церар, опишувајќи ја политичката стабилност како многу важно прашање за земјите од Западен Балкан, но исто така и за цела Европа.
Во овој бизнис форум, каде што министрите за економија на двете земји исто така ги претставија можностите за инвестирање и соработка, има за цел да се подобри и интензивира економската соработка меѓу двете земји.