Lokman İlhan,Daniel Salgar Antolinez
21 Март 2019•Ажурирај: 24 Март 2019
Локман ИЛХАН / Даниел САЛГАР
Едиксон Инфанте, кој имигрираше во соседна Колумбија поради тешката политичка и економска криза во која се наоѓа Венецуела, обезбедува сопствена егзистенција, создавајќи уметност од парите коишто минатата година неговата земја ги повлече од оптек.
Соочувајќи се со хиперинфлација која не беше точно пресметана, Венецуела од август минатата година воведе нова парична единица „суверен боливар“, исфрлајќи ја од оптек старата парична единица боливар. Инфанте со своите вешти раце, неважечките монети ги претвора во уметнички дела.
Со цел да обезбедат егзистенција за своето семејство, дел од жителите на Венецуела ја напуштаат земјата и имигрираат во соседна Колумбија, каде што од укинатите венецуелски банкноти што ги понеле со себе, изработуваат чанти, паричници, играчки или украсни предмети и ги продаваат на улица.

Колумбискиот град Кукута стана познат во светот преку обидот на САД, кои преку овој град, кој се наоѓа на границата со Венецуела, направија обид да внесат „хуманитарна помош“ како американска поддршка на опозицијата. Инфанте (24), кој пред 1,5 година имигрирал во Кукута, е еден од многутемина венецуелски иселеници во Колумбија кои со продажба на мали колоритни предмети изработени од укинатите банкноти, се обидува да заработи за живот.
Во изјава за АА Инфанте рече дека потекнува од венецуелскиот град Мерида, каде што работел како мобилен продавач на пазар во обид да обезбеди сопствена егзистенција, но поради продлабочувањето на кризата во Венецуела, имигрирал во Колумбија.
Покажувајќи го снопчето пари во раката, Инфанте изјави „Овие пари, да беа порано кај мене, ќе бев милионер. Ќе купев куќа, ќе купев автомобил“, додавајќи дека тие пари повеќе немаат никаква вредност.

Инфанте рече дека за предметите што претходно ги изработувал од сјајна и колоритна хартија за да заработи нешто, откако ги видел своите венецуелски пријатели во Колумбија како тоа истото го прават од венецуелски боливари, и тој самиот го сменил материјалот и почнал да употребува стари банкноти.
Тој истакна дека особено многу предмети им продава на туристите, истакнувајќи дека дел од парите што ги заработува, му го испраќа на своето семејство коешто сѐ уште живее во Венецуела.
Инфанте, зборувајќи дека планира наскоро да се пресели во некој друг град, додаде дека, откако ќе се стабилизира состојбата во земјата, планира да се врати во Венецуела.