Aişe Hümeyra Bulovalı
02 Октомври 2018•Ажурирај: 03 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - АИШЕ ХУМЕЈРА БУЛОВАЛИ -
Иранскиот фоторепортер Енајат Асади, кој во својата професија оди по приказните, набљудувајќи се себеси, а потоа настаните околу него, рече: „Според мене, во фотографирањето најпрвин треба да се слуша срцето и внатрешниот глас. Само тогаш можеш да ги разбереш вистинските чувства на луѓето.“
Асади, кој го доби второто место во категоријата „Сериски вести“ на „2018 Istanbul Photo Awards“, во изјава за Anadolu Agency (AA) разговараше за неговата работа. Тој рече дека со фотографија почнал да се занимава во 2009 година, и дека во периодот од 2009 до 2011 година работел во Авганистан.
Асади нагласи дека во тој период се обидел да ја фотографира Граѓанската војна во Авганистан, а дека потоа се вратил во Иран каде што реализирал различни проекти.
Според него, со фотографирањето ги следи приказните кои го одразуваат неговиот внатрешен свет. „Одам по приказните, набљудувајќи се себеси, а потоа настаните околу мене.
Тој раскажа дека тема на фотографиите со кои учествувал на „Istanbul Photo Awards“ се авганистанските бегалци кои избегале од нивната земја поради ДЕАШ или од различни причини.
„Ги фотографирав тешкотиите преку кои поминале овие лица кои избегале, во текот на нивното патување, пред сѐ од Авганистан во Пакистан, а потоа во Иран, како и нивниот влез на илегален начин. Овие случувања ги претворив во серија на фотографии. Фотографирањето, особено фотографирањето на одредена приказна, како што правам јас, е една работа која бара многу трпение и смиреност. Понекогаш чекам со месеци само да снимам една фотографија. Затоа, кога фотографирате приказна, треба да имате трпение“, додаде Асади.
Тој подвлече дека во оваа многу стресна професија се плашел да не ги изгуби фотографиите, како и од тоа да не биде приведен. „Оваа состојба секогаш создаваше психолошки притисок врз мене“, нагласи тој.
Асади рече дека за првпат учествувал на „İstanbul Photo Awards“, и дека за него било многу важно да биде дел од натпреварот, кој го опиша како квалитетен.
Информираше дека до крајот на годината ќе продолжи да фотографира на темата за шверцувањето луѓе. „Мојот нов проект ќе биде околу патувањето на бегалците кое почнува од Арапското Море, потоа продолжува преку Пакистан, западната граница на Техеран, Турција, а потоа во Грција. Моментално сум фокусиран на преминот на луѓето кои живеат во регионот, во Турција, а потоа во Грција“, рече тој.
Според него, се обидува да не им наштети на луѓето кои ги фотографира, и дека тоа е најважната точка.
„Бидејќи тие бегаат од еден тежок живот и една тешка војна. Се обидуваат да тргнат кон слободата“, рече тој, и додаде:
„Кога ги видов за првпат, чувството во нивните очи беше стравот. Пристапував кон нив на пријателски и искрен начин. Всушност, за мене на фотографијата не е важен тој момент. Почитта е важна. Постоеја моменти кога го оставав фотографирањето, кога тие ми велеа „Не нѐ фотографирај“.
Асади рече дека сака да објави книга со сите фотографии кои ги направил досега и да отвори изложба.
Во периодот од 1 ноември 2018 до 31 јануари 2019 година ќе биде отворено пријавувањето за натпреварот „Istanbul Photo Awards“, кој веќе четири години се организира од страна на Anadolu Agency (AA).
Професионалните фотографи ќе можат да се пријават за натпреварот преку адресата www.istanbulphotoawards.com.