Ekipa
25 Декември 2021•Ажурирај: 26 Декември 2021
БАГДАД (АА) - Оваа година е забележан пораст на бројот на самоубиствата во Ирак, каде што над 700 луѓе си го одзедоа животот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Халид ал-Мухана, портпаролот на ирачкото Министерство за внатрешни работи, изјави дека оваа година самоубиство извршиле 772 лица, што е зголемување на бројката од 2020 година кога животот си го одзеле 663 лица.
Според државната новинска агенција ИНА, Ал-Мухана рекол дека околу 36,6 отсто од оние што извршиле самоубиство биле на возраст под 20 години.
„55,9 отсто од случаите на самоубиства во 2021 година сочинуваат мажите, а 44,1 отсто жените“, рече Ал-Мухана.
Портпаролот го припиша порастот на самоубиствата на психолошкиот притисок, семејното насилство, влошените економски услови и зголемената невработеност и сиромаштијата во земјата.
Тој нагласи дека ирачките власти усвоиле пакет мерки за борба против оваа појава, меѓу кои се и формирање специјализирани комисии за да ги испитаат причините за самоубиствата.
Причина за 27 отсто од самоубиствата во земјата богата со нафта била невработеноста, додека за 31,7 отсто сиромаштијата, покажуваат најновите статистички податоци на ирачкото Министерство за планирање.
Ширењето на пандемијата на коронавирусот од почетокот на 2020 година предизвика сериозна штета врз ирачката економија која е зависна од нафтата, по значителниот пад на нејзината цена.
Приходите од нафтата во Ирак покриваат околу 95 отсто од државните расходи.