Bekim Laci
02 Октомври 2017•Ажурирај: 03 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Црвениот крст на град Скопје со прес-конференција на темата „Чекор напред кон модернизација и стандардизација на услугите за стари лица“ го одбележа 1 октомври, Светскиот ден на старите лица, со кој се цели да се унапредат услугите, особено преку примена на искуствата на Црвениот крст на Нирнберг, Германија, чија делегација престојува во Македонија, јавува Anadolu Agency (АА).
Црвениот крст на град Скопје, со поддршка на амбасадата на Словачка во Скопје, осма година по ред ја овозможува социјалната услуга „Дневен центар за стари лица и центар за давање помош во домашни услови“, во чии рамки петмина здравствени работници и 12 волонтери посетуваат 180 стари лица во неколку општини во главниот град.
Амбасадорот на Словачка во Македонија, Мартин Безак, во своето обраќање истакна дека со одбележувањето на овој ден, меѓу другото, се изразува благодарност до старите лица, за нивниот придонес за општеството. Безак рече дека во моментов, на глобално ниво бројот на луѓето на возраст над 60 години е 900 милиони, и додаде дека прогнозите покажуваат оти во наредните 15 години овој број ќе се удвои.
Според него, фокусот оваа година е на пронаоѓањето ефективни средства за зајакнување на учеството на старите лица во општествениот, политичкиот, културниот и во економскиот живот.
Претседателот на Црвениот крст од Нирнберг, Ото Крес, кој со делегација од Германија од утре ќе работат на теренот со персоналот на Црвениот крст на Република Македонија, со цел да го пренесат германското искуство, рече дека нивното пристигнување во Скопје е во рамките на долгогодишното пријателство, чија цел е размена на искуства.
Секретарката на Црвениот крст на Скопје, Сузана Пауновска, им се заблагодари на персоналот и на волонтерите на организацијата, кои со нивната работа го олеснуваат животот на старите лица.
Одбележувањето на 1 октомври е официјализирано од страна на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) и се одбележува од 14 декември 1990 година. На ова му претходеа неколку иницијативи, како што е Виенскиот меѓународен акционен план на стареењето, кој беше одобрен во 1982 година од Генералното собрание на ОН.