Hacer Başer
29 Септември 2017•Ажурирај: 01 Октомври 2017
ГАЗА (АА) - Јусуф aл-Бехтини, момче од Газа, се обидува да влезе во славната Гинисова книга на рекордите благодарение на своето еластично тело, јавува Anadolu Agency (AA).
Ова 12-годишно момче секојдневно ја усовршува вештината за гимнастички движења и ги воодушевува сите оние што имаат можност да се уверат во еластичноста на неговото тело.
Бехтини може во позицијата „мост“ за 14 секунди да премине 20 метри, што е за три секунди побрзо во однос на актуелниот носител на светскиот рекорд запишан во Гинис.
„Својот талент го открив пред две години, благодарение на брат ми. Оттогаш работев на тоа што побрзо да го развијам својот талент и да влезам во книгата на рекордите. Сакам да учествувам на меѓународните натпревари и да му покажам на светот дека Газа е полна со таленти“, изјави Бехтини за АА.
Неговиот брат Мухамед ал Бехтини, кој воедно е и негов тренер, изјави дека Јусуф има мошне еластично тело и дека може да направи движења што другите луѓе не можат да ги направат.
Врз основа на видеоснимките што ги наоѓаат на интернет, редовно вежбаат, а со оглед на тоа што во Газа нема курс по гимнастика, тренинзите ги прават претежно дома.
Братот Мухамед додаде дека на челниците на Гинис им ги пратил видеоснимките од својот брат, а тие им дозволиле да учествуваат во квалификациските настапи коишто ќе се одржат во Јордан.
Тој додава оти верува дека ќе успее да го помине граничниот премин меѓу Египет и Газа, за да учествуваат на натпреварот во Јордан.
Израел со години го држи под блокада Појасот Газа, а овој регион може да се напушти само со дозвола на Египет.
Египетската администрација по државниот удар на 3 јули 2013 година го затвори овој граничен премин, а го отвора само повремено.