Ahmet Furkan Mercan
24 Јуни 2022•Ажурирај: 26 Јуни 2022
ТОКИО (АА) - Изгубен е УСБ-стик со лични податоци на приближно 460.000 граѓани во Јапонија, вклучувајќи ги и броевите на нивните банкарски сметки, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во општината Амагасаки, префектурата Хјого, вработен во компанија кој помагал во дистрибуцијата на финансиската помош за Ковид-19 ја изгубил чантата.
Внатре, во ташната, имало УСБ-стик со лични податоци на 460.000 жители регистрирани во Амагасаки.
Службеникот од компанијата во полиција пријавил дека ја изгубил чантата по вечерата во еден ресторан.
Се наведува дека УСБ-стикот содржи лични податоци на граѓаните, вклучувајќи име и презиме, адреса, датум на раѓање, броеви на банкарски сметки.
Сѐ уште не е познато дали информациите од УСБ-стикот, кој бил заштитен со лозинка, протекле во јавноста.
Во соопштението на Општината за настанот се истакнува: „Ќе обезбедиме целосно безбедносно управување при ракувањето со електронските информации. Ќе ја вратиме довербата на нашите граѓани преку подигање на свеста за важноста на заштитата на личните податоци.“