Yusuf Batı
30 Август 2016•Ажурирај: 31 Август 2016
ДИЈАРБАКИР (АА) – Јусуф Бати –
Мајката на Фират Симпил, Кадрије Симпил, при секое излегување од домот се сеќава на својот син кој бил усмртен минатата година, на денешен ден, при активирање на експлозив од страна на ПКК во месноста Силван, во градот Дијарбакир.
Болката на мајката на 13-годишното момче Фират, кој го загуби својот живот лани, на денешен ден, не стивнува ниту денес. Тој загинал минатата година, на 30. август, кога излегол од дома за да купи зеленчук. Момчето настрадало при активирањето на експлозив од страна на ПКК на улицата Бујук Чешме, во населбата Баглар, попозната како Градилиште на браната Силван.
- „Таа слика не ми се трга од пред очи“ -
Кадрије Симпил во разговорот со репортерот на Anadolu Agency (АА), вели дека по смртта на нејзиниот син поминала една година, но нејзината болка е силна како првиот ден.
Мајката на момчето продолжи да раскажува: „Сакам да се преселам од овој дом уште од денот кога се случи настанот, затоа што при секое излегување на врата не ми се губи таа слика од пред очи; исто како тој настан да се случил денес, од глава не ми излегува. Немаме услови за да земеме куќа на друго место. Сакаме државата да ни излезе во пресрет. Ако се преселиме во друго маало, барем никогаш повеќе нема да ја гледам улицата каде што телото на син ми беше распарчено“.
Мајката Симпил на денот кога се случил настанот го испратила својот син да купи зеленчук. Таа го раскажа немилиот настан: „Експлозијата настана откако помина оклопното возило. Почнав да викам. Видов како син ми помина кај местото на експлозијата. Поголемиот син Мурат ме праша каде отиде Фират. Му одговорив дека Фират помина онаму каде што се случи експлозијата, и се упативме кон местото на настанот. На улицата како да видов откината рака. Некои од соседите рекоа дека тоа можеби е нога од некое животно, но јас им реков: ‘не ова е човечка рака’“.
Симпил понатаму додаде дека соседите ѝ покажале тело што се наоѓало под цистерната. Откако го виделе телото се покажало дека не припаѓа на ниту еден близок од соседите.
„Кога погледнав кон телото, не можеше да се препознае. Од откинатата рака на телото сфатив дека тоа е телото на мојот син, Фират. Го извлеков телото на мојот син од под цистерната“, раскажа мајката Симпил.
- „Сакаше да стане инженер“ -
Симпил потенцираше дека Фират бил учтиво момче и дека и покрај тоа што поминала една година, неговите другари сѐ уште доаѓале во посета кај нив.
„Сите видоа со каква бруталност беше убиен Фират и сите ни изразија сочувство. Господ со иста таква мерка нека ги казни тие што ни ја нанесоа оваа болка. Ниедна болка не може да биде посилна од таа за изгубеното дете. Господ го зеде рано затоа што беше праведна личност“, вака зборуваше таа.
Во разговорот со новинарот на АА на курдски јазик, Симпил изјави дека многу мајки страдаат поради загубата на своите деца, и порача дека злото што доведува до тоа мора да биде запрено.
Секој пат кога ќе излезе на врата, нејзе пред очи ѝ доаѓа моментот на разделбата со својот син:
„Нека престане ова зло што дивјаците ни го прават нам и на нашиот народ. Припадниците на ПКК ги кршат уличните светилки за да не се гледа што прават и дека помеѓу дворовите го подготвуваат оружјето и бомбите. Нека се проклети оние што го напаѓаат овој муслимански народ и кои го убија мојот син, кој сакаше да стане инженер. Нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган е добар човек и силен водач. Сакаме да ја продолжи борбата против терористите и да ги запре овие масакри“.