Ivana Ramadanova
03 Декември 2015•Ажурирај: 04 Декември 2015
СКОПЈЕ АА – Македонија денес го одбележува Меѓународниот ден на лицата со инавалидитет. По тој повод Националниот совет на инвалидските организации одржа трибина на тема „Инклузијата е важна: Пристап и зајакнување на сите способности на секое лице со инвалидност“, јавува Anadolu Agency (AA) .
На трибината свое обраќање имаше министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска – Ременски која истакна дека овој ден е од особено значење бидејќи има цел да ги потсети сите институции за грижата која им е потребна на лицата со инвалидитет.
“Предизвикот на денешниот ден е дека тој ги обврзува сите кои зборуваат и дискутираат за проблемите на лицата со инвалидност, да стават акцент врз човекот, неговата индивидуалност, и лично достоинство а не врз неговата попреченост. Влогот во правата на лицата со попреченост е наша граѓанска обврска. Помагајки им ним, си помагаме на самите себе. Затоа сите заедно не само на 3 декември, туку секој ден во годината треба да го правиме тоа”, рече Ременски.
Според претседател на НСИОМ, Чедомир Трајковски, веќе четврта година како се соочуваат со истите проблеми и истите потреби на лицата со попреченост.
"Мора да се признае дека за лошите работи и за лошите состојби во општеството кога се во прашање оваа категорија на граѓани, не се виновни само луѓето кои носат важни крупни одлуки, туку виновни сме и сите ние и сите вие, заради сите добра во животот кои сме можеле да ги направиме а не сме ги направиле", изјави Трајковски.
Во организација на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност се вклучени Националниот сојуз на слепи на РМ, Национален сојуз на глуви и наглуви на РМ, Национален сојуз на лицата со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – Порака, Национален сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија, Национална федерација за спорт и рекреација на инвалидите – Македонски параолимписки комитет и Национален сојуз на инвалиди на трудот на РМ.