ИСТАНБУЛ (АА) - МЕХМЕТ КАРА –
Адем Чолак, за две години посети 34 земји, помина 44 илјади километри со својот мотоцикл за да биде гласот на лицата со Даунов синдром. Турнејата со мотоцикл ја започнал од Турција, најпрвин стигнал до најсеверната точка во Европа, Северниот ’рт, а потоа ја посетил областа Кушимото во Јапонија, каде што потона фрегатата „Ертугрул“, пишува Anadolu Agency (AA).
Чолак, за да ја зголеми свеста за Дауновиот синдром, ја напуштил работата што ја работел 7 години и донел одлука со својот мотоцикл да замине на светска турнеја. Во рамките на проектот „Down To Earth Road“ во соработка со Здружението на лица со Даунов синдром, најпрвин стигнал до најсеверната точка во Европа на бреговите на Северниот ’рт, а потоа ја посетил областа Кушимото во Јапонија.
За да се слушне гласот низ целиот свет на лицата со Даунов синдром, заедно со неговиот брат со Даунов синдром, Ердем, Чолак со својот мотоцикл поминал 34 земји.

Кога стигнал во Јапонија, како последна станица во Азија, му снемало пари, па затоа морал да работи два и пол месеца за да се врати назад во Турција.
На организациите на лица со Даунов синдром што ги посетил при турнејата, Чолак им подарил турско кафе и „Назар бонџук“ (симбол против урок). Тој со нив, исто така, направил и репортажи. Од друга страна, носејќи го традиционалниот костум „Зејбек“, го претставил и традиционалниот турски танц „Зејбек“, а со тоа ја промовирал и турската култура.
Сето искуство што го поминал низ патувањето го раскажа на својот социјален профил „Јорук со железен коњ“.
По двегодишното патешествие со мотоцикл, Чолак се врати во Турција и почна да се подготвува за нови правци. Искуствата од патувањата ги раскажа на новинарот на АА.
- „Во Европа, образованието за лицата со Даунов синдром е подобро и свеста е поразвиена“ -
Чолак објасни дека проектот што го започнал со Здружението на лица со Даунов синдром го планирал многу години.
„На одлуката да патувам низ светот со мотоцикл влијаеше мојот брат со Даунов синдром, Ердем“, истакна Чолак. „Во 25 европски земји ги посетив организациите за Даунов синдром. Со нив правев репортажи и им ги дадов подароците што ги подготвивме во Турција за нив. Со тоа се обидовме да ја развиеме свеста и во Турција и на глобално ниво“.
Чолак истакна дека на пат кон Европа тргнал на 30 август, 2017 година, и дека ги посетил балканските земји, Хрватска, Италија, Швајцарија, Данска и Норвешка. Потоа стигнал до најсеверната точка на Европа, Северниот ’рт. На таа рута посетил 25 земји и поминал 19.000 километри.
„Во овие земји контактирав со 50 лица со Даунов синдром и со 20 здруженија“, нагласи Чолак. „До нив упатив 5 прашања и подготвив репортажа. Прашањата се: 'Како се викаш? Што работиш? Кои се вашите очекувања во иднина? Што те прави среќен? И што те прави тажен?' Потоа со Здружението ги монтиравме репортажите и ја подигнавме свеста на социјалните медиуми“.
Изјавувајќи дека ситуацијата е подобра во европските земји со добра економија, Чолак нагласи: „Со поддршка на државата и поради свесноста на нивните семејства, постои можност да се образуваат на рана возраст. Увидов дека се наоѓаат на подобро ниво во спортските и музичките активности и во личните вештини“.
Наведувајќи дека ја посетил областа Кушимото во Јапонија, каде што потона фрегатата „Ертугрул“, Чолак рече дека патувањето во Азија било потешко отколку во Европа.

„Азија беше предизвикувачки предел. Но, немав сериозни технички проблеми. Некои од потрошните материјали на мотоциклот ги менував сам и сам го одржував. Имаше проблеми на граничните премини и воените контролни пунктови, но тоа не влијаеше на турнејата. Секако дека имаше и ризици. Во Централна Азија реакциите беа многу позитивни. Се сретнав со многу луѓе и на сите се обидов да им раскажам што е тоа Даунов синдром. Како патник, можам да кажам дека бевме добро пречекани во Азија. Имам многу добри спомени. Особено го издвојувам Киргистан. Бев сведок на Фестивалот на мигрантите, кој во 2020 година ќе се одржи во Турција. Бев многу среќен. Монголија е исто така посебна. Поминав низ бескрајната пустина и доживеав студена зима. Имавме сериозни проблеми со студот“, нагласи Чолак.
- „Имав буџетски проблем во Јапонија, работев два и пол месеци за да се вратам назад“ -
Чолак рече дека во својата азиска турнеја минал низ 9 земји и поминал 25.000 километри.
„Кога отидов во Јапонија, поради скапотијата таму имав буџетски проблем. Работев два и пол месеца за да се вратам назад. Таму останав 10 месеци. Сега, да имам можност, проектот би го продолжил во разни правци. Има многу различни рути за патување. На пример Непал, Африка и Америка“, посочи Чолак.
„Јапонија е развиена земја и има добра економија. Како државна стратегија, покрај финансиската помош, на лицата со попреченост им се обезбедува образование и вработување за да можат да опстанат на свои нозе. Образовниот систем се базира на тоа. Надвор, бизнисот се организира според тоа. Тие лица имаат повеќе привилегии. По обуката за рехабилитација на возраст помеѓу 18 и 20 години, за нив се обезбедува работа според способноста што ја имаат“, истакна Чолак, додавајќи дека во Турција не работи во склоп на Здружението на лица со Даунов синдром бидејќи има работни обврски.
- „Подготвен сум да прифатам индивидуална и институционална поддршка за различни рути“ -
Чолак вели дека турнејата од 44.000 километри со мотоцикл покрај развивањето на свеста за Даунов синдром, придонела и за промовирање на Турција.
Посочувајќи дека му е потребна финансиска поддршка за да го продолжи својот проект, рече: „Европската рута ја поминав со свои пари. Проектот го започнавме со Здружението. Кога се вративме, со презентацијата раскажавме за сè што направивме при патувањето. За азиската рута ѕвоневме на вратите на некои фирми“.
Чолак, исто така, додаде дека во проектот ги вклучиле и народните танци и костумот „Зејбек“.
„Во сите земји што ги посетивме, го изведувавме народниот танц „Зејбек“. Всушност, на пат излегов да ја промовирам нашата земја, создавајќи културна свест. Проектот го оставив пред 2 години, ми заврши буџетот што го создавав 7 години. Секогаш сум отворен за помошта на индивидуалните и институционалните поддржувачи кои сакаат да продолжам со проектот“.