Ömer Faruk Yıldız
14 Април 2019•Ажурирај: 16 Април 2019
ТОКИО (AA) - Тематски кафулиња посветени на животните се исклучително популарни во Јапонија. Во многу од нив гостите имаат можност да бидат во непосредна близина на зајаци, птици, змии, кучиња и други животни, но кафулињата посветени на мачките се најпопуларни, јавува Anadolu Agency (AA).
Она што кафулињата посветени на мачките ги чини поинакви од другите е тоа што посетителите ја делат масата и столчињата со мачките.
Тематските кафулиња имаат строги правила, а она што е најважно се однесува на хигиената.
Посетителите пред влегување во кафуле мораат да ги собујат чевлите, а потоа да ги дезинфицираат рацете, за животните да не се заразат со микроби.
Второ важно правило е да се почитуваат мачките. Вработените во угостителскиот објект гостите ги упатуваат како да се однесуваат кон мачките и нагласуваат дека е забрането да се вознемируваат животните додека спијат.
Влезот во вакви кафулиња обично се наплатува 900 јени (околу 7 евра), а посетата трае околу половина час.
Игучи работи во едно кафуле посветено на мачките, во Токио. Додава дека кафулето е отворено пред 11 години и дека е особено популарно меѓу туристите.
„Покрај давањето услуги на гостите, се грижиме и за мачките. Имаме неколку задачи“, појаснува Игучи.
Вели дека гостите повеќе доаѓаат во вечерните часови и во текот на викендот.
Целта на ваквите тематски кафулиња посветени на животните е тие да бидат место на опуштање и добра забава.
„Дури и децата кои имаат одреден страв од животните доаѓаат во кафуле и учат како да се однесуваат во близина на животно“, додава Игучи.